Европскиот совет одлучи да им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија

од Nikola Popovski

Европскиот совет одлучи да им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија, се вели во нацрт-заклучоците на лидерите на 27-те земји-членки, кои ќе бидат усвоени на состанокот на Советот на ЕУ во четврток и петок во Брисел.

„Европскиот совет ја признава европската перспектива за Украина, Молдавија и Грузија. Иднината на тие земји и нивните граѓани е во ЕУ“, се наведува во нацрт-заклучоците до кои „Јутарњи лист“ имал увид.

Така, лидерите на ЕУ ќе ја прифатат препораката дадена пред седум дена од Европската комисија, која, наводно, се противи на давање кандидатски статус на Босна и Херцеговина, иако се појави и таа идеја.

„Европскиот совет го поздравува политичкиот договор постигнат од лидерите на БиХ на 12 јуни 2022 година во Брисел, кој е неопходен за стабилност и целосно функционирање на земјата, со цел да се одговори на аспирациите на нејзините граѓани“, се вели во нацртот.

Политичките лидери во БиХ се повикани брзо да ги исполнат своите обврски од договорот и да ги финализираат уставните и изборните реформи, што ќе и овозможи на земјата да постигне одлучувачки напредок на европскиот пат, во согласност со приоритетите на Европската комисија за добивање кандидатски статус.

Што се однесува до Западен Балкан, постои недвосмислена посветеност на европската перспектива за членство на земјите од регионот, нешто што со години не е толку јасно во документите на ЕУ, пренесува „Јутарњи“.

Најголем проблем на документот е отворањето на преговорите со северна Македонија и Албанија, кои одамна ги исполнија условите. Нивниот пример го докажува спротивното од она што го кажува Европската унија – дека нема „недвосмислена посветеност на ЕУ“, туку дека има блокада на процесот, се додава во текстот.

Слични содржини