Вечерва во Киев се одржува втората полуфинална вечер на Песна на Евровизија, каде македонската претставничка Јана Бурческа ќе се обиде да обезбеди пласман во финалето, кое ќе се одржи в сабота.
Македонската претставничка Јана Бурческа со песната „Dance alone“ ќе настапи трета по ред.
На втората полуфинална вечер право на глас повторно ќе имаат публиката и жири комисијата од земјите учеснички на второто полуфинале, како и директните финалисти од Германија, Украина и Франција. Меѓу учесниците пак, се вбројуваат: Македонија, Австрија, Србија, Малта, Романија, Холандија, Унгарија, Данска, Ирска, Сан Марино, Хрватска, Норвешка, Швајцарија, Белорусија, Бугарија, Литванија, Естонија и Израел.
На првата полуфинална вечер, финале изборија претставниците на Молдавија, Азербејџан, Грција, Шведска, Португалија, Полска, Ерменија, Австралија, Кипар и Белгија.
На Евросонг оваа година учествуваат 42 земји.
Португалија и Романија се вратија по отсуството во 2016 година. Босна и Херцеговина, пак, се повлече од годинешното натпреварување поради финансиски проблеми.