Регулаторната комисија за енергетика е во консултации со ЕСМ, МЕПСО и ЕВН, за да се види дали е изводливо додека трае кризата со коронавирусот, домаќинствата да имаат само евтина струја. Ова во изјава за „Локално“ го кажа претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, кој додава дека јавноста ќе биде известена веднаш откако ќе се донесе одлуката.

„Правиме анализи, ги консултираме и ЕСМ и МЕПСО и ЕВН за да видиме како би се извело тоа, какво влијание ќе има врз цената понатаму, па ќе одлучиме и ќе известиме“, вели Бислимовски.

Трите компании пак, ја разгледуваат и можноста да се имплементира промена на тарифата на сите 700 илјади броила во државата, бидејќи тоа практично би значело теренска работа од најмалку два месеца, нешто што се случуваше и пред две години, кога власта ја врати евтината електрична енергија во домаќинствата.

Во исто време, поради коронавирусот нема да се читаат броилата на струјомерите, туку ќе се испраќаат сметки со претпоставена вредност, односно просек од последните 12 месеци. Како олеснување доаѓа и одлуката, додека трае кризата ниту едно домаќинство да не биде исклучено од електрична енергија поради неплатени сметки.

Помеѓу дилемите „за“ и „против“ евтина електрична енергија деноноќно е и фактот што во време на епидемијата, кога сите граѓани се дома, за непречено одвивање на снабдувањето со струја, треба разумно користење во домаќинствата.

Дилемата за тоа дали да се спроведе евтина струја додека трае кризата доаѓа по онлајн петицијата која се шири на социјалните мрежи, а каде се токму поради мерките кои наложуваат граѓаните да останат дома, евтината струја да трае деноноќно.

А.Т.

Слични содржини