Fake вестите можете да ги избришете, но не и тоа дека медиумите лажат и се (зло)употребени!

од Vladimir Zorba
119 прегледи

Настап на претседателот на УО на СЕММ Драган Антоновски на средба со повеќе граѓански асоцијации на тема „Новинарството денес и улогата на Советот за етика на медиумите во Македонија“. Ви го пренесуваме во целост:
„Јас постојано знам на вакви трибини да ја употребам реченицата: подобро е сами да се регулураме отколку другите да не регулираат, ама не ми се верува дека и на ова мото, ако може така да го кажам , или подобро некаков двигател, налетав на некои уредници, и од десните  и од левите, кои се  спротивставија.

Тоа значи  дека саморегулацијата има проблем или е нејасна.

Да разјасниме !

Ова сè можеби ви личи само на една епизода од медиумската реалност, но сакам да ви кажам дека ние не глумиме и не е претстава, туку  јасен пристап и борба  за точни и вистинити вести или чисти намери и определби, наспроти сè она што во државата е ФЕЈК.

Знаете понекогаш имам дилема како во оваа заробено општество, на продадени медиуми, рекет новинари , милионери, да излезете на  крај со нешто што значи етика.

Знам дека е апсурд да зборуваш во неетичко општество за тоа.

Вчера мислам дека прочитав дека СНН не е добредојден во Белата куќа и дека луѓето на новата администрација  на Трамп, не чувствуваат за потребно да гостуваат на СНН. Таква е веста која ја објавив.

Ова ми се врзува со на времето кога ја работев емисијата „Ние“ која траеше 10 години и потоа ја добив и највисоката награда, се разбира новинарската МХЈ и потоа ја симнаа емисијата, и ми текнува некаде таму 2006 кога вмровците ми рекоа дека нема да доаѓаат на мојава емисија да не ги прозивам со празно столче, затоа што немале потреба да комуницираат со комуњарите. Сега такво нешто се случува и таму во лулката на демократијата, демек, не знам дали и таму тргнало наопаку. Трамп!

Пред некој ден кога се решаваше за тоа дали ДУИ и ВМРО ДПМНЕ ќе колицираат имаше уште една информација која исто ја објавив на мојот сајт, Локално.мк,  дека замислете известувачот на најгледаната Топ Чанел на Балканот од Тирана, прво дописникот  од Белград го повлекле во Скопје за да известува директно од Речица, и некаде кога ќе е најгусто за ДУИ, решаваат тие да пуштат лажна веста дека колицијата веќе е договорена и дека се спрема заедничка објава, потоа таа вест се лиферува од Тирана, ја објавуваат на сите портали  по Косово и Албанија, тука и уредничката на  вестите на Сител, која случајно е дописник на Танјуг ја шалта и за Србија, се лепи на тоа и РТС, и се лепат „пријателски “ портали . Потоа тука  се лепи и лидерот  Сали Бериша, па и екс премиер Пандели Мајко,  сите тие упатуваат честитки до Ахмети и Груевски, сè тоа се презентира внатре на претседателство на ДУИ, демек ете не поддржуваат и  тоа треба да направи притисок врз тие кои се двоумат за коалиција со Груевски.

Замислете која е моќта на информацијата- само што овојпат е дезинформација! Арно ама таа лага не поминува, и не ги предомислува пратениците и членовите во претседателство на ДУИ,  па Топ чанел  ја брише веста од он лајн изданието како ништо да не било.

Но, тоа што не се брише е дека медиумите се употребени во лагата. И ние треба тој детаљ да го анализираме.

За Трамп и велешките тинејџери нема да зборуваме кои се вметнаа во кампањата во Америка. Истиот страв сега го има и Меркел, Франција и цела Европа.

Тоа е  за стравот.

А ставот наш е дека, сепак, мора и треба да се работи според стандардите, професионално, точно и вистинито.

И сега како да им го наметнеш сето тоа, кога сопственици на медиумите се олигарси, лидери на политички партии и политички профитери од новинарството.

Како во едно општество кога вистината е релативна работа, фактите се изнуда  или немајкаде во новинарската професија.

Знаете, има  многу често во нашата работа бриферите може да ќе те (зло)употребат и ќе направите приказна, вест, информација и ненамерно ќе ја згрешите работата, и тука пали извинувањето и демантот, но како кога имате  намерна лага, платени и нарачани фејк  вести?

И мислите дека тоа обичната публика го знае, го разликува во оваа медиумско слепило?

Од друга страна, многу често знаат да ми укажат фронтмените на другите професии и да ми постават прашање,  па не забегуј зарем не гледаш како е во судство, во парламент, во влада, во образование, во институции…

И сè тоа ја создава дилемата како да ги поставиме работите и како во недемократско општество да продаваш демократија.

Или како да зборуваме за вредности кога вредности нема или се изместени, партизирани, односно девалвирана е секоја професија.

И сега доаѓаме до втората небулоза на денешницата, отпорот кон сè тоа.

Не е небулоза отпорот туку спротиставувањето на сè она што е отпор, кон невистина, дезинформација, пропаганда – сè тоа што е надвор од стандардите.

Сега имаме токму таква мобилизација на стигматизација кон нестомислениците, новинарите, граѓанските организации кои се критички настроени кон власта.

Јас се сеќавам кога како синдикалец на новинарскиот синдикат имавме некаква реакција против  отпуштања  новинари, затворање медиуми и  како одговор од власта добивме соопштение од ВМРО ДПМНЕ дека ако сакаме така да играме и да водиме политика, да си направиме политичка партија и јас и Синдикатот да излеземе на политичка сцена и да се тепаме и да виделе тие колку гласови  ќе освоиме.

А, ние региравме зошто без процедура, насилно заради несогласување со уредувачка политика отпуштаат новинари,  затвораат медиуми и новинари.

И сега пак да се вратам на темата, ние зборуваме за стандарди и процедури, а тие тоа го доживуваа како некаков активизам, борба само против нив. Ние сè тоа го разбиравме како одговорност.

А тие не дефинираат како предавници,  и некакви  вакви и онакви  ….иди.

Можеби во вакви времиња имаме изедначување на активизам и борба за професијата и стандардите, ама тоа дава друг одговор за реалноста и за слободите. Се разбира за тие што сакаат да читаат и да анализираат.

И сега кога сè ова го знаеме, некој ќе  ни рече не бива работава!.. дај да  се откажеме. Напротив!

Добро  е дека знаеме со што и со кого си имаме работа, знаеме кои се стандардите, што е вест, информација, што е пропаганда и  дефинитивно не треба  и не смееме да молчиме. Не смееме да им да оставиме да протажираат дека сите сме исти и сè е новинарство.

Прво оваа наша мисија  е секаде иста, во сите демократии, секаде се тие исти  стандардите.

Ние ја правиме разликата  и тука и во светот, бидејќи ние практицираме професионално новинарство, смело и непристрасно, и знааеме што е што.

Второ ние потсетуваме како треба, а како не треба, а тоа не е малку.

Новинарите работат и во  режимски системи и во Турција, Египет, Јемен, и на Балканот, и ќе работатат и таму каде има и каде што нема стандарди, но јасно е што е,  а што не е новинарство! Тоа не го измисливме само ние, тоа е правилото во цел свет!

Ние како Совет за етика не молчиме и сме горди на сè она што сме го направиле. Ни недостигате во приказната вие како граѓански сектор, ни недостигаат граѓаните, и ни недостига мобилизација реакција, на сè она погоре кое го посочив за да дадеме пример како треба и како не треба.

Ние знаеме дека ова што денес го имаме како медиумска понуда е лажлива  приказна, но има добар дел новинари и медиуми кои не се предаваат, и кои знаат како не треба.  И тоа не е малку.

Сакам да ве повикам да се вклучите во оваа наша борба за стандардите за професионално и кредиблно новинараство  за медиуми кои информираат,  за општество во кое лагите и пропагандистите ќе ги обележиме и нема да дозволиме да ја манипулираат јавноста. Медиумите денеска лажат. Политичарите гу употребуваат како алатка за опстојба, за манупулација со народот, поради ограничената медиумска пписменост.

Ние сме спремни да посредуваме , да прозиваме , да укажуваме, но  ни недостига вашата вклученост  и активен пристап,на секој граќанин и тоа е нужност во ваква реалност, која го окупира општеството.

Во секој случај драго ми е што сте тука и добредојдени сте во борбата  за  информирањето наспроти дезинформирањето ,

Затоа што јавноста има право да знае!“

Драган Антоновски