Компанијата „Ново Нордиск“ стана највредна во Европа по лансирањето на популарниот лек „Вегови“, со што го потисна францускиот луксузен конгломерат LVMH, во чии рамки се Луј Витон, Кристијан Диор, Тифани.
Акциите на компанијата пораснаа кога лекот за слабеење беше претставен на пазарот, и имаше берзанска вредност од 428 милијарди долари, пишува Би-Би-Си.
Лекот „Вегови“ сега е достапен во јавниот здравствен систем на Велика Британија и е достапен и на приватниот пазар.
Лекот се користи во лекување на дебелина и се зема еднаш неделно, а луѓето кои го користат велат дека мислат дека веќе се сити, што ги тера да јадат помалку и со тоа да ослабат. Сепак, експертите предупредуваат дека тоа не е решение за вишокот килограми, ниту замена за здрава исхрана и вежбање, и оти студиите покажале дека корисниците често се враќаат на првобитната тежина по прекинот на терапијата.
Поради недостигот на овие лекови во светот, британскиот национален здравствен систем доби ограничени залихи, а претставници на компанијата изјавија дека ќе продолжат да се ограничуваат набавките, иако ќе се работи на зголемување на производството.
Во Велика Британија, пациентите можат да го добијат лекот „Вегови“ доколку имаат проблем со вишок килограми и здравствени проблеми предизвикани од вишокот килограми. Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), речиси секој трет возрасен Британец е дебел. Минатиот месец, ново испитување покажа дека лекот „Вегови“ го намалува ризикот од мозочен и срцев удар. Иако овие наоди треба дополнително да се проверат, експертите се согласија дека овие резултати се потенцијално значајни.