Шпанскиот кошаркар Рики Рубио заработи тешка повреда поради која ќе мора да го пропушти остатокот од сезоната во која се истакна играјќи за Кливленд Кавалирс во НБА лигата.
Рубио доби катастрофална дијагноза откако го напушти натпреварот против Њу Орлеанс, на 2,2 минути пред крајот, во моментот кога беше најдобар играч на теренот со 27 поени, 13 скока, девет асистенции, две украдени топки и две блокади.
Рубио се сруши на теренот држејќи се за коленото кое го повреди во 2012 година и веднаш се виде дека се работи за сериозна повреда, а најмрачните сомнежи се остварија по магнетната резонанца.
Шпанецот врескаше од болки откако го изврте коленото, а теренот го напушти со помош на соиграчите Ајзак Окоро и Кевин Лав.
„Ја почувствував неговата болка“, рекол Лав.
Рубио го повреди истото колено во 2012 година како дебитант во НБА лигата и отсуствуваше девет месеци, што ќе биде случај и сега – во најдобро сценарио, со оглед на тоа што Шпанецот влегува во ветеранските години (31).
Навистина, голема штета за Рубио, кој годинава комплетно ја оживиеа кариерата во тимот на Кливленд и потсети на времето кога беше меѓу најдобрите плејмејкери во светот.