Лицето кое синоќа го уби 25-годишниот странски државјанин, во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип е уапсено, информираат од Јавното обвинителство.
Се огласија и од полицијата. Информираа дека на 08.05.2025 во 21.25 часот во СВР Штип е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал.
-По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото.
Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.
Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, потенцираа од полицијата.
Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видеонадзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска.
Напаѓачот и жртвата се турски државјани.