Фена: Пратеници во БиХ заработуваат илјадници евра преку мамење на државата

од Vladimir Zorba
77 прегледи

Пратеници во БиХ развиле систем за мамење на државата преку примање различни додатоци и така, на сомнителен начин, присвоиле илјадници евра, објави денеска сараевскиот Центар за истражувачко новинарство.

Како што се наведува, за тоа никој никогаш не е санкциониран, затоа што измамите се провлекуваат низ „дупки во законите“ и правилниците, јави Фена.

Анализата покажала дека пратеницие кои живеат на места оддалечени од Сараево повеќе од 50 километри имаат право на трошоци за сместување, надомест за одвоен живот, како и за патување во местото на постојан престој, вклучувајќи ги викендите, кога таму можат да одат приватно ако во Сараево имаат изнајмен стан.

За такви трошоци имаат право на месечен надомест од 800 конвертибилни марки (400 евра), колку што изнесува просечна плата во БиХ, што се надополнува на пратеничката плата, која ни во еден случај не е помала од две илјади евра, покажа истражувањето.

Анализата покажа дека голем дел од пратениците само фиктивно, за мали пари, изнајмуваат стан во кој никогаш не престојуваат, а разликата до 400 евра ја ставаат во џеб, при што немаат никаква обврска да предаваат податоци за трошењето на тие пари.

Пратениците едноставно патуваат до своите домови или ноќеваат кај пријатели или во некој хотел, наведува ЦИН во анализата, чии новинари лично посетиле 13 станови, кои наводно биле изнајмени каде затекнале изненадени станари кои ништо не знаеле за наводните закупци.