ФИБА покрена истрага за националистичкото скандирање на кошаркарскиот натпревар во Куманово

од Nikola Popovski
154 прегледи

Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА соопшти дека започнала истрага за антиалбанските скандирања за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија што се одржа изминатиот викенд во Куманово.

„Во оваа фаза, собираме релевантни извештаи и соопштенија, работејќи во тесна координација со вклучените национални федерации, како и со локалните власти и органите за спроведување на законот“, изјавиле од ФИБА.

Во саботата во салата во Куманово можеа да се слушнат скандирања со пораки како „Добар Албанец е мртов Албанец“, „Гасна комора за Албанците“ и „Чиста Македонија“.

ФИБА објави дека безрезервно и цврсто го осудува говорот на омраза и секоја форма на дискриминација или расистички јазик.

„Активно го промовираме создавањето инклузивна и почитувачка средина за сите играчи, тимови и навивачи како врвен приоритет во спортот“, соопштиле од ФИБА за РСЕ.

Мечот меѓу Македонија и Романија се играше како дел од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година во Катар.