ФИФА и УЕФА ги исфрлија руските клубови и репрезентации од сите натпреварувања!

од Nikola Popovski

ФИФА и УЕФА ја исклучија Русија и нејзините клубови од сите нивни натпреварувања, објавија на своите веб-страници.

Она што беше навестено во понеделникот околу пладне беше потврдено дури попладне.

Тоа практично значи дека Спартак од Москва ќе биде исфрлен од Лига Европа, а Русија нема да може да оди на Светското првенство во Катар и нема да може да игра во Лигата на нации, доколку нешто не се промени во меѓувреме.

Бордот на ФИФА и Извршниот одбор на УЕФА ги ревидираат дополнителните санкции против Русија, поради агресијата врз Украина.

Русија изврши воена инвазија на Украина и борбите траат од четвртокот, па протерувањето на нејзините клубови и репрезентација е само една од последиците.

Тоа значи дека Русите нема да можат да одат на Мундијалот во Катар, бидејќи требаше да бидат учесници во баражите за ова натпреварување.

„ФИФА и УЕФА денеска заеднички одлучија руските тимови, национални и клупски, да бидат суспендирани од учество во сите натпреварувања до понатамошно известување“, се вели во соопштението.

Одлуките се со ознака „итно“, поради што ќе стапат во сила веднаш.

„Фудбалот е целосно обединет и постои целосна солидарност со луѓето погодени во Украина. Двајцата претседатели на УЕФА и ФИФА се надеваат дека ситуацијата во Украина значително и брзо ќе се подобри за фудбалот повторно да биде насока на единство и мир меѓу луѓе“, додаваат од ФИФА и УЕФА.

Слични содржини