Филипче: Дали позади заемот од 500 милиони евра, постои идеја унгарски компании да преземаат медиуми во Македонија?

од Nikola Popovski
357 прегледи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција најави дека неговата партија се враќа и дека е надмината кризата од изборите. Целта е на крајот на септември да се организира новиот Конгрес и да се избират нови делегати.

Филипче најави изработка на нова стратегија на партијата и реафирмација на социјалдемократските вредности.

-Една група на наши членови се уште молчи и седи на страна, друга група покажа дека личните интереси им се над партиските, а трета група во изминатиот период покажа дека ја сакаат партијата и сакаат повторно да се активираат. Им пристапувам на сите и сакам сите да ги водиме изборните процеси во партијата, рече Филипче на брифингот со новинарите.

За новата Влада, вели дека имаат лош старт во работата и ќе ги понижат работниците, со тоа што не е најавено зголемување на платите.

-Се што кажаа, погазија. Рекоа дека ќе го поништат Преспанскиот и Договорот со Бугарија, а тоа не го направија…Сметам дека државата оди во чуден и нејасен стратешки правец, за само 30 дена, кажа Филипче.

Вели дека е лага дека немало пари во Буџетот, како што обвинуваат од Владата. Според лидерот на СДСМ, нешто се крие позади заемот од Унгарија од 500 милиони евра и прашува кое е потеклото на парите. Ќе бара законското решение за кредитот што поскоро да се достави во Собранието пред пратениците.

-Што толку ќе правиме со толкаво задолжување? Дали огромните камати кои што треба да се враќаат, нема да го ограничат фискалниот простор? Зошто една земја која се задолжува од друго место, се задолжува со голема каматна стапка, а нас ни дава со помала? Инсистираме што поскоро Владата да го даде законот до Парламентот. Дали можеби зад тоа се крие некоја друга тенденција, дали можеби има идеја од некои компании од Унгарија, тука да се преземаат медиуми или компании, дали е дел од некаков договор? Гледаме некакво сојузништво со Орбан, за кое не знаеме каква перспектива има, рече Филипче.

За обвинувањата кон него од страна на владеачката партија, Филипче вели дека чесно работел и дека затворени се постапките против него за одредени куќи и хациенди.

-Немам хациенда ниту луксузни возила. Тие се на таткото на мојата сопруга. Со тој имот немам никаква врска, кажа новиот претседател на СДСМ.

Дециден е дека нема проблем во пратеничката група на СДСМ и нивната политика ќе станува се поагресивна и во Парламентот.

Слични содржини