Колку повеќе се придржуваат луѓето до мерките, толку поблаг ќе биде пикот на болеста и толку полесно ќе може здравствениот систем да го издржи, вели министерот за здравство, Венко Филипче во Утрински брифинг.
„Тоа е суштината на имплементација и прифаќање на мерките од страна на населението, затоа се честите апели. Ние не може да предвидиме колку пациенти ќе има заболени, сите мерки што ги правиме се со цел бројот на заболени да биде многу помал и да нема нагол пик кој здравствениот систем нема да може да го апсорбира, но верувам дека со сите мерки кои ги преземаме, сме спремни и дека нема да ни се случи сценарио кое нема да може да го контролираме“, рече Филипче.
Минитерот посочи дека ако на почетокот претставувало мал проблем, сега точно се знае кој кому се јавува и што се презема ако се појави некој случај сомнителен на коронавирусот.
„Јасни се препораките и начинот на дејствување во рамките на кризното подрачје. Секоја институција вклучена си има алгоритам на работа, не може да прави кој што сака, затоа што тоа е ризик. Се знае како се влегува во подрачјето, како се дезинфицираат возилата, како се контактира со луѓето кои се во изолација. Замислете да влезе некој кој не знае како“, вели Филипче.