Филипче: Мерките кои ќе се применуваат, имитираат полициски час

од Берта Китинска
322 прегледи

Расте бројот на новозаразени и починати лица од Ковид 19 во земјава.

Министерот за здравство верува дека ќе се избегне  полициски час со  измените на законот за заштита на населението од заразни болести.

„Верувам дека измените во Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се донесе и ќе се изгласа, со цел да избегнеме полициски час. Ова се мерки кои практично имитираат полициски час. После 23 часот, ништо не работи, практично граѓаните нема каде да одат, сега и времето не е убаво, па сите треба да седат дома. Затоа апелираме да се излегува само ако има некаква потреба. Целта е да се избегне групирањето и да се носат маски. Сигурно дека разгледуваме некакви опции, меѓутоа сметам дека во овој период полициски час не е решение. Доволно е да се почитуваат овие мерки и тие кои утре верувам дека ќе бидат донесени. Впрочем, генерална препорака е да нема таква форма на ограничување на движењето“, изјави Филипче.

Комисијата за заразни болести  до Владата достави нови предлог мерки, поради зголемениот број на заразени со Ковид-19 во земјата. Се препорачува задолжително носење маски или заштитна опрема во форма на бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата, секаде при престој на отворено, на затворено во кои било јавни објекти, на работно место, и во јавен и приватен транспорт.

Покрај ваквите препораки, се бара и ограничување на групирањето на лица на јавен простор и дома:

„Се забранува групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште (стан или куќа) е дозволено сопствениците да примат најмногу четири лица. Односно, на семеен настан може да бидат сите кои се со живеалиште на таа адреса плус најмногу четворица други.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии Алијанса и Алтернатива и Левица, вчера поднесоа Предлог-закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка со кој бараат формирање посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да придонесе за ставање под контрола на ковид-ситуацијата.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 27199, бројката на оздравени пациенти е 18948, на починати е 934, а бројот на активни случаи изнесува 7317.

Слични содржини