Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од Атина испрати порака за важноста на соработката и дијалогот меѓу соседните земји, истакнувајќи го Договорот од Преспа како редок и значаен пример на политичка волја и визија за решавање на децениски спорови. Филипче учествуваше на Втората меѓународна конференција организирана од Институтот „Алексис Ципрас“, посветена на демократијата и социјалната правда.
На панел-дискусијата што се однесуваше на улогата на прогресивните сили, тој нагласи дека Преспанскиот договор е уникатен затоа што е постигнат директно меѓу двете вклучени држави – Северна Македонија и Грција – без вмешување на големи сили.
„Овој договор е пример како лидерство со визија, какво што покажаа Ципрас и Заев, може да доведе до решенија што со години беа недостижни. Благодарение на него, Северна Македонија стана членка на НАТО. За жал, останува фактот дека сè уште не сме дел од ЕУ, делумно и поради актуелната десничарска и авторитарна власт во земјата која не прави доволно за напредок,“ изјави Филипче.
Тој направи споредба со вакцините: „Првата доза ја примивме со НАТО, но втората – ЕУ интеграцијата – сè уште ја чекаме“. Филипче предупреди и на глобалната криза на демократијата, растечкото влијание на авторитарни режими и употребата на хибридни алатки за манипулација, особено во регионот. Посебен акцент стави на потребата прогресивните сили да им се вратат на своите основни поддржувачи – работничката класа.
„Многу работници денес гласаат за радикалната десница не затоа што се фашисти, туку затоа што се чувствуваат напуштени. Ние, како левица, мораме да ги слушнеме и да им се обратиме повторно“, порача тој.
Во Атина е и поранешниот премиер Зоран Заев, кој заедно со Алексис Ципрас ќе ја додели Преспа наградата за мир. Годинава признанието го добиваат авторите на документарниот филм „No Other Land“, кој ја прикажува состојбата на палестинската заедница на Западниот Брег. Филипче најави и средба со лидерот на грчката партија СИРИЗА, Сократис Фамелос, за продлабочување на соработката меѓу прогресивните сили во регионот.
Минатата година, првиот добитник на наградата за мир „Преспа“ беше американскиот дипломат и медијатор во преговорите за името, Метју Нимиц.