Филипче: Со линеарен раст на новопотврдените пациенти го амортизираме здравствениот систем

од Берта Китинска
201 прегледи

Засега успешно го менаџираме текот на епидемијата. Со линеарен раст на новопотврдени позитивни пациенти на Ковид-19, успеваме да го амортизираме здравствениот систем и да ги оптимизираме болничките капацитети и медицинскиот персонал, истакнал министерот за здравство Венко Филипче на видео конференцијата со амбасадорите на земјите членки на Европската унија.

Фото: Борче Поповски

На видеоконференцијата на која присуствувал и шефот на дипломатијата Никола Димитров, министерот Филипче повторил дека пикот на епидемијата се очекува кон крајот на април или почетокот на мај. Според него, мерките и препораките даваат резултати.

– Во услови кога целиот свет се соочува со кризата, поддршката која ја добиваме од ЕУ и членките е од исклучителна важност и доказ дека заедничкото делување и заемното помагање водат кон побрзо справување со оваа состојба, нагласил Филипче.
Од страна на министерот Димитров е поздравена одлуката на Европската комисија да ја прифати иницијативата на министрите за надворешни работи од земјите од регионот за укинување на извозните рестрикции за Западниот Балкан за набавка на медицинска заштитна опрема од ЕУ.

– Солидарноста на ЕУ како дел од нејзиниот координиран глобален одговор на кризата е од витално значење за нас и нашиот регион. Нашиот главен фокус е да ги заштитиме македонските граѓани, како во однос на нивното здравје, така и во поглед на социо-економските последици од пандемијата. Поддршката од „Тимот Европа“ има клучна улога при реализирањето на нашите цели. Благодарни сме што сме дел од тој тим, заеднички работејќи и при успешниот процес на репатријација на македонските, но и на граѓаните од ЕУ, посочил Димитров.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ, како што се наведува во соопштението од Министерството за здравство, ја истакнале посветеноста на македонските власти при справувањето со коронавирусот, поздравувајќи ја навремената координација и имплементација на мерките.

Слични содржини