Филипче влегува во трката за иден лидер на СДСМ

од Nikola Popovski
393 прегледи

Венко Филипче е третиот член од редовите на СДСМ кој најави дека ќе поднесе кандидатура за нов лидер на партијата. Тој денеска ја потврдил својата намера да се кандидира за иден лидер на СДСМ.

-Ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади. Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување“, истакна Филипче во свое обраќање до сопартијците и симпатизерите на СДСМ и до граѓаните објавено на неговиот Фејсбук профил.

Во таа насока, Филипче упати покана до своите колеги кандидати за претседателската функција во СДСМ за средба на која ќе ги договорат правилата на фер и демократска кампања во која, како што наведува, на крајот сите ќе излезат и помудри и пообединети.

Филипче упати повик и до членството и симпатизерите на СДСМ и до граѓаните: „Ве поканувам да ми се придружите на ова патување за реформирање и зајакнување на СДСМ, за создавање партија која вистински ги застапува вредностите и потребите на нашите граѓани. Заедно, можеме да изградиме попросперитетна иднина за сите“.

Досега, неколкумина објавија дека планираат да влезат во трката за прв човек на СДСМ. Кандидатурите веќе ги потврдија првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски и пратеничката и министерка за одбрана, Славјанка Петровска. Освен нив, лидерски амбиции покажа и директорот на царината, Стефан Богоев, а се споменува и името на Игор Ивановски.

Вонредните внатрепартиски избори во СДСМ ќе се одржат на 30-ти јуни. Последниот рок за поднесување кандидатури истекува в четврток, на 6-ти јуни. Кандидатите треба да имаат најмалку 5 – годишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од страна на конгресот за член на некој од органите на партијата. Освен лична и партиска биографија, кандидатите треба да достават и 4 – годишна програма за работа.

Филипче беше носител на СДСМ во ИЕ4, кој претходно ја извршуваше функцијата министер за здравство, во владата на екс-премиерот Зоран Заев.

Слични содржини