Филипче во тежок момент на чело на СДСМ: „За партијата останува битката на два фронта“

од Nikola Popovski
207 прегледи

Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче е избран за претседател на најголемата опозициска партија СДСМ. Партијата бараше личност кој ќе ја извади од тешката ситуација, но се уште не се знае тоа ќе биде возможно, со оглед дека превирањата во СДСМ не стивнуваат. Неговите противкандидати – Јован Деспотовски и Славјанка Петровска, имаа забелешки за процесот. Тврдат дека на многу членови не им било дозволено да гласаат, а дел отидоа дотаму па тврдат дека партијата е заробена. Околу името на Филипче се споменуваше дека „само му ја чува фотелјата“ на екс-лидерот Зоран Заев, обвинија од власта.

„Партијата нема време за меланхолија, депресија или за лечење на раните“

Дел од јавноста ги коментира случувањата во редовите на социјалдемократите. Според новинарот и политички аналитичар, Зоран Бојаровски, не е фер на новоизбраниот лидер да му се товари таков товар уште на самиот старт.

Зоран Бојаровски

-Филипче и другите двајца кандидати, ако ја исклучиме Петровска која самата се исклучи од изборната постапка на два дена пред изборите, одлучија да прифатат еден многу неблагодарен предизвик – да застанат на чело на партијата после големиот пораз на парламентарните избори со сите последици по партијата. Само тоа е доволно да им се оддаде признание за смелоста да се впуштат во оваа за многумина политичка авантура.

Но, сите тројца не се „вчерашни“ во партијата и секако ги знаеја околностите во кои се наоѓа партијата, а со тоа се секако свесни и за сите ризици и за нивната лична политичка кариера, како и за ризиците со кои се соочува СДСМ доколку не најде сили да се извлече од оваа ситуација и колку што е можно побргу да се рехабилитира и да застане на нозе за да биде повторно влијателна партија, овој пат во опозиција, вели Бојаровски за „Локално“.

Што се однесува на тезата во прашањето дека Филипче „му ја чува фотелјата на Заев“, смета дека е без основа бидејќи, како што вели Бојаровски, Заев неколку пати има изјавено дека нема намера да се враќа во политиката.

Новинарот не исклучува дека ќе има нови преминувања на членството на СДСМ во други партии, но, истакнува дека тоа е можеби најголемиот предизвик кој треба да го прифати Филипче и новиот лидерски тим во телата на СДСМ кој треба да се оформи.

-Тоа значи многу работа на терен, на реконструкција на партиската мрежа и инфраструктура. За тоа е потребно време за длабока, но брза анализа, за пронаоѓање на новите двигатели кои треба да бидат носители на обединувањето на прогресивните сили за да се врати довербата во партијата. Нема да биде лесно, никако, но ништо друго не им преостанува.

Тука сметам и на одговорноста на СДСМ кон државата и граѓаните затоа што во услови кога имате партии сателити за една употреба и на екстремна левица, единствената партиска структура која може да го врати или да го обезбеди балансот и конструктивниот избор во иднина е една ревитализирана социјал-демократска партија во левиот центар, со нов дух, подвлекува соговорникот.

Според Бојаровски, понудата на внатрепартиските избори и резултатот од двојните избори во државата не се единствени причини за ваков развој на настаните во СДСМ и „летаргијата“ во нивните редови.

-Трет може да биде факторот дека во последните две години пред изборите, како да се заборави да се работи на постојаната динамика во партијата, меѓу членството. Можно е тоа да е и причината за одлевањето на голем дел од членството во ЗНАМ. Кога тоа го забележаа, веќе беше предоцна, смета новинарот.

Наредната година се локалните избори што ќе биде шанса за СДСМ да покаже дали може да се консолидира, иако Бојаровски оценува дека тоа е прекус рок за целосна рехабилитација на партијата.

-Но, тоа не треба да биде ниту временска одредница. Претпоставувам дека за СДСМ останува битката на два фронта. Еден да се подготви реален и спроведлив план за локалните избори и друг подолгорочен, но не подолго од три години за враќање на партијата во кондиција како избор на кој може да се смета. Тешка ќе биде таа битка, повторно ќе речам, но тоа се опциите. Нема многу избор, а ниту време за меланхолија, депресија или за „лечење на раните“. СДСМ нема таков луксуз, анализира Бојаровски.

„СДСМ ќе заврши како БСП во Бугарија“

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски оценува дека веќе „и врапчињата на гранките“ знаеја дека Филипче ќе биде нов лидер на СДСМ од проста причина што, како што вели, тој беше „(не)скриен фаворит на двоецот Зоран и Вице Заеви“. Според Атанасоски, најмоќната фамилија во рамки на СДСМ го координираше, диригираше и спроведе изборот на нивниот пулен.

Благојче Атанасоски

-И да, никаква јавна тајна не е, дека Венко де факто ќе биде продолжена рака на,, кланот Заеви” за да ги заштити нивните интереси. Затоа и,, победи” со освоени некаде околу 8000 гласови што е катастрофа за легитимирање на нов лидер на партија каква што е СДСМ, објаснува тој во разговор за „Локално“.

Атанасоски има „црни прогнози“ дека СДСМ веројатно уште долго време ќе тоне и ќе заврши како БСП во Бугарија.

-Од главна левичарска партија, која била владејачка, да биде маргинална со никакви изгледи да дојде на власт и за неа да гласаат само,, последните мохиканци”. Во НСДП сигурно нема да се одлејат гласачите, бидејќи и тоа е веќе реално мртва и истрошена партија, но во ЗНАМ е прашање кое иднината ќе ни го одговори. Ќе видиме како ќе се постави електоратот на наредните локални избори и во однос на СДСМ и во однос на ЗНАМ. Предупредувањата на Славјанка Петровска и повеќе се од реални и издржани. Постои таква опасност во моментов, укажува соговорникот.

Смета дека е „срамно е од стоилјадно членство, да бидете избран за лидер на СДСМ со 8 илјади гласови.“. Вели дека тоа де факто членовите го препознаа, дека „Филипче ќе биде пулен и пион на кланот Заеви, па затоа и отворено го бојкотираа овој избор“.

-Жал ми е само што еден врвен неврохирург ја прифати улогата да биде политички слуга и извршител на нарачките на една од најобвинуваните фамилии во Македонија за корупција и организиран криминал, посочува Атанасоски, предупредувајќи дека партијата ќе изгуби катастрофално на локалните избори во 2025 година и ќе потоне уште повеќе.

-Ќе видиме после тие избори дали ќе има реален избор на членството и дали после тие избори од тоа што останало од СДСМ, ќе може да се состави нешто кое ќе личи на жива и конкурентна партија на македонската политичка сцена, наведува Атанасоски.

Новиот шеф на „Бихачка“ најави консолидирање на СДСМ, како и обединување околу социјалдемократските вредности за да се врати довербата на членството.

Честитка за изборот упати и премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на Филипче му посака успешна работа.

На партиските избори за претседател, за Филипче гласаа повеќе од 9.000 социјалдемократи. Кандидатката Славјанка Петровска која се откажа од трката коментира – се боревме против заробена држава, добивме заробена партија.

Н.П.

Слични содржини