Филм за Пол Вокер ќе открие непознати детали од животот на славниот актер

од desk2
302 прегледи

Поминаа пет години од трагичната смрт на ѕвездата на популарната франшиза, „The fast and the furious“, Пол Вокер, а сега ќе биде откриено целото она што јавноста досега не го знаеше за него.

Наскоро ќе имаме прилика да гледаме документарец за актерот Пол Вокер, кој пред пет години го загуби животот во сообраќајна несреќа.

Филмот „I am Paul Walker“, ќе ги претстави не само кариерата и приватниот живот на актерот, туку и неговите хуманитарни активности и други детали кои јавноста не ги знаеше се до неговата смрт.

Филмот во режија на Ендријен Баутхаус, кој веќе снимаше документарци за познати личности како што се Мухамед Али, Џон. Ф. Кенеди помладиот и Хит Леџер, премиерно ќе биде прикажан на 9 август во Америка.

Вокер седеше на предното седиште, кога неговиот пријател Роџер Родас ја загуби контролата над автомобилот Porsche carrera GT од 2005 година, кој потоа удри во бандера и се запали. Двајцата починаа на местото на настанот.

Пол Вокер е роден во близина на Лос Анџелес, на 12 септември 1973 година.

На само 12 години почна да работи на детски телевизиски емисии. На филмското платно дебитираше во 1987 година, во хорор комедијата „Monster in the closet“, но дури во 1998 година ја доби првата улога која му донесе светска слава – „Meet the Deedles“.

Вокер, најголемата слава ја доживеа со улогата во акционата франшиза „The fast and furious“, во кој заигра заедно со славниот актер Вин Дизел.

Познат е и по улогите во филмовите „Joy Ride“, „Into the blue“, „Timeline“, како и во остварувањето на Клинт Иствуд „Flag of our fathers“.

Вин дизел веднаш после неговата смрт напиша: „Небото доби нов ангел, почивај во мир“.

Пол Вокер почина за време на снимањето на седмото продолжение на „The fast and furious“.

Неговите браќа го заменија Вокер во последните сцени, а песната од филмот му е посветена нему.