Филозофирање за исламизмот

од Vladimir Zorba
131 прегледи

 

 

По терористичките напади ова лето, во француските медиуми се разви бурна расправа за мотивите и целите на џихадистите. Покрај социјалните, во прв план се повеќе доаѓаат и културните причини.1_239664_1_9

„Мора да престанеме да ги покриваме нашите жени како црни духови кои ги плашат децата на улица. Мора да престанеме да бараме базени само за жени. Начелно, мора да се откажеме од сите провокативни знаци кои ја покажуваат нашата припадност на исламот”. Писателот Тахер Бен Јелоун во францускиот дневен весник „Ле Монд” со јасни зборови ги повикува муслиманите на подискретно покажување на верата. За тоа има причини, пишува овој успешен автор, кој во 1943 година е роден во Мароко, но веќе долго живее во Франција. Тој истакнува дека поимот „ислам” го содржи зборот „мир”, но дека тој апсект исчезнал: „Моментално исламот се претставува како насилство и бруталност”.

Како да се однесуваме кон исламот и исламизмот? Како да се спречат нападите на џихадистите во една држава која делува беспомошно? По нападите во Ница и Сент Етјен ду Руврај во француските медиуми џихадизмот повторно е главна тема. Во таа расправа одредена улога играат и верските симболи. И политологот Абдерахим Хафиди, слично како и Јелоун, препорачува на муслиманите во овие бурни времиња да бидат подготвени на компромис и помалку да ја покажуваат својата вера во јавноста.

Фаталистичка влада?

За разлика од нив, филозофот Жофри де Ласние и писателот Едуар Луј, сметаат дека проблемот е во француската влада. Во отворено писмо објавено во весникот „Либерасион” тие имаат забелешки до премиерот Мануел Валс за „фатализам”. Валс изјави дека мора да се смета на нови напади. Но, овие двајца интелектуалци тоа не сакаат да го прифатат само така и тврдат дека владата не ги исцрпила сите можности. Во писмото се наведува дека во извештаите за напаѓачите редовно се користат изразите: затвор, сиромаштија, расизам, невработеност, изолација. Авторите од тоа заклучуваат дека џихадизмот пред се има социјални причини. „Борбата притив тероризмот пред се треба да биде насочена кон се што ја предизвикува таа мизерија, значи незадоволството, гневот и насилните афекти”.download (98)

Исламскиот теолог и експерт за џихадизмот Жил Кепел пак предупредува дека многу млади Французи кои одат во војна во Сирија, растат без татко. „Ако не успееме да го зацврстиме заедништвото во општеството и покрај училиштата ги мобилизираме и семејствата, тогаш државата ќе остане беспомошна” – изјави Кепел за весникот „Ле Фигаро”.

Страв од секуларизам

Исламскиот теолог Оливер Рој во интервју за весникот „Ле Фигаро” објаснува дека веќе подолго се наоѓаме во период на големи културни промени, па така и на се поретко практикување на верата. Како што вели овој експерт, тоа е видливо и во исламскиот свет.

Тој истакнува дека секуларизмот во прв план го става поединецот со сите негови права, што како последица има многу нови појави како хомосексуални бракови, контрола на раѓањата, сурогат мајки. За многу луѓе, вели Рој, тоа значи целосен слом на верските вредности, против што се бори голем дел од муслиманите.

Тој исто така тврди дека поттикнувањето на радикализацијата доаѓа и од кризните региони на Блискиот исток. Иран и Саудиска Арабија кои се водечки држави на шиитскиот т.е. сунитскиот свет, ги прикриваат своите геополитички интереси со јазикот на верата, за на тој начин да ги легитимираат. Тоа влијае на дел од европските муслимани. Тие се несигурни поради напредокот на секуларизмот, грчевито се фаќаат за својата вера, а под влијание на конзервативните режими како што се Саудиска Арабија и Иран, често и за нејзината фундаменталистичка варијанта, заклучува Рој