Финансии со заштеди од 44 % на струја во октомври

од Vladimir Zorba

Министерството за финансии во октомври 2022 година со примена на мерките за заштеда на електрична енергија евидентира помала потрошувачка од 44 % во споредба со потрошувачката на електрична енергија во истиот месец во 2021 година.

Заштедата е резултат на примена на мерките, не само во централниот објект на Министерството за финансии, туку и во 34-те подрачни одделенија и 17 трезорски канцеларии низ целата држава.

Податоците покажуваат дека во текот на октомври 2022 година се потрошени 100.000 kWh помалку. Примената на мерките обезбеди заштеда на електрична енергија во текот на септември 2022 за 32 %.

Министерството за финансии и вработените во оваа институција продолжуваат и во наредниот период со примената на воведените мерки, што овозможуваат рационално користење на ресурсите, а притоа непречено одвивање на целокупниот процес на работа.

Мерките што ги презема Министерството за финансии се дел од пакетот што го усвои Владата со цел да се намали потрошувачката на електричната енергија кај државните и јавните институции, со цел да имаме сигурност и безбедност во снабдувањето со електрична енергија во текот на зимата. Пакетот содржеше и препораки за заштеди до населението и компаниите.

Слични содржини