Финска денес станува следна членка на НАТО по Македонија

од Nikola Popovski
148 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг синоќа изјави дека Финска денес ќе стане 31-ва членка на воената алијанса.

„Од утре Финска станува полноправна членка на алијансата. Тоа ќе биде добар ден за безбедноста на Финска, за нордиската безбедност и за НАТО во целина. Како резултат на тоа и Шведска ќе биде побезбедна“, изјави Столтенберг пред новинарите во Брисел.

Тој рече дека Турција, која е последната членка што го ратификуваше членството на Финска, денес ќе ги достави своите официјални документи до американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Столтенберг додаде дека министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО ќе се соберат денес во Брисел и повтори дека ова е најбрзиот процес на ратификација во модерната историја на НАТО.

Денес попладне ќе се одржи церемонија на која покрај знамињата на другите земји од НАТО во седиштето на Алијансата ќе биде подигнато и финското знаме.

Турскиот парламент во четвртокот гласаше за прием на Финска во НАТО, по десет месеци неизвесност. Сепак, Анкара сè уште ја блокира кандидатурата на Шведска, која беше поднесена минатата година, во исто време со Финска.

Последна држава, која стана 30. членка на Алијансата е токму Македонија пред три години.

Слични содржини