ОН ги прогласи за најсреќна нација на светот, но Финците се на врвот во светот по самоубиства, депресија и алкохолизам

И покрај тоа што ОН ги прогласи за најсреќна нација на светот, Финците се и натаму наклонети кон самоубиства, алкохолизам и антидеперсиви.
Во најновиот извештај за среќата на ОН, Финска го зазема првото место, но без оглед на заклучокот донесен врз основа на објективни параметри, Финците и натаму се на врвот по стапката на самоубиства, како и по консумирањето алкохол и антидепресиви.
Во извештајот на ОН, веднаш зад Финска, се наоѓаат нејзините скандинавски соседи, а потоа Швајцарија, Холандија, Канада, Нов Зеланд и Австралија.
Финска и другите држави на врвот на листата најдобро стојат во клучните подрачја, кои укажуваат за човековата среќа: приходи, очекуван животен век, социјални надоместоци, слобода и доверба.
Среќата на Финците се темели на фактот дека сите нивни основни потреби се задоволени и целосно гледано, секојдневниот живот на Финците е многу хармоничен.
Финска е одлична во сите оние области од кои зависи животното задоволство: институциите добро функционираат и постои социјална еднаквост, слобода, мала корупција и доверба во власта и во другите луѓе. Разликите во платите се мали, а просечната годишна плата во 2015 година изнесувала 25.694 евра.
Покрај Норвешка, Финска е единствената европска земја која меѓу 2014 и 2016 година успеа да го намали бројот на бездомници. Има ефикасен здравствен систем, флексибилно работно време и породилно отсуство со многу бенифиции, што овозможува добра рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот.
Финците не ги ставаат под знак прашалник ниту високите даноци – потребни за јавните служби да бидат ефикасни, ниту пак владините мерки на штедење, чија цел беше зајакнување на економијата по кризата.
Тие и веруваат на својата држава: 81 отсто Финци имаат доверба во образовниот систем, 75 проценти во здравството, заклучува ОН во извештајот. Тоа е земја во која многу малку луѓе одат во црква, но многумина одат во сауни.
Сепак, извештајот на ОН предизвика изненадување кај некои. – Кога го слушнавме тоа, мислевме дека е грешка, се смее Ула-Маја Роухаинен и 64-годишна пензионерка, која живее во Хелсинки.
Кога дефиницијата за среќа на ОН би ги игнорирала клучните објективни индикатори и би се темелила на субјективни мерења на позитивните емоции, тогаш Финците „не би биле меѓу првите десет“, смета филозофот Франк Мартел, бидејќи и покрај првото место на листата на најсреќни, Финците и натаму имаат висока стапка на самоубиства, многу консумираат алкохол и земаат антидепресиви.
ХИНА – Загреб