Првото светско натпреварување со електрични автомобили спреми уште едно изненадување за фановите на овој спорт. Formula E го претстави новото возило кое ќе дебитира на патеките подоцна оваа година.

Со ултрамодерен дизајн и агресивна естетика, овој тркачки автомобил од втората генерација има двојно поголем капацитет и може да помине двојно повеќе дистанца со едно полнење. Тоа значи дека возачите повеќе нема да имаат потреба да застанат на половина од трката и да го сменат болидот, како што правеа од почетокот на ова натпреварување во 2014 година.
„Овој автомобил ја претставува иднината на тркачките спортови“, рече Алехандо Агаг, основач на Formula E.
ФИА состави група од водечки дизајнери и инжинери од целиот свет да работат на овој концепт, и тоа претставуваше првпат водечкото тело на мотоспортот директно да се вмеша во производството на некој автомобил.
Kapow!! 💥 ⚡️ ‘Straight outta Gotham’ 🦇 #Gen2 #FIA #ABBFormulaE pic.twitter.com/XlyBQUEBLR
— Formula E (@FIAFormulaE) January 30, 2018
„Денес за првпат го промовираме изгледот на новиот болид и се надевам фановите и возачите ќе бидат задоволни од футуристичкиот изглед. Многу сум горд што ФИА се вмеша во производството на овој модел, бидејќи ова е нешто ново за организацијата“, рече претседателот на ФИА, Жан Тодт.
Целосната спецификација на болидот ќе биде откриена заедно со првото претставување на болидот на јавноста, на 6 март 2018 година, на саемот за автомобили во Женева.
