Легендарните виолончелисти од Апокалиптика вчера по трет пат застанаа пред скопската публика во арената „Борис Трајковски“ и приредија маестрално музичко шоу.
Концертот во склоп на јубилејната турнеја која одбележува 20 години нивно постоење, се одвиваше под мотото „Апокалиптика ги свири Металика“, фокусирајќи се на најголемите хитови на Металика отсвирени на првите албуми на Апокалиптика со кои тие се здобија со светска слава.
Полната арена љубители на хеви метал звукот докажа дека Апокалиптика дефинитивно се добредојдени повторно во Македонија, а членовите на бендот кои настапија во оригинален состав, не пропуштија да се заблагодарат на обожавателите и да најават повторно доаѓање.
Концертот беше поделен во два музички блока, при што во првиот дел настапија четирита чела, а во вториот по кусата пауза им се приклучи и ритамот на тапанот. Жестокиот и брз звук ја подигна атмосферата на уште повисоко ниво и го заврши концертот во една заедничка музичка катарза на членовите на бендот со своето свирење и пеењето во еден глас на публиката.
