ФОТО: Неделков на средба со премиерот Заев и министерот Адеми

од Vladimir Zorba
389 прегледи

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков со претставници од Синдикатот пристигна во Владата, каде ќе одржи средба со премиерот Зоран Заев и министерот за образование и наука, Арбер Адеми. Средбата ја најави премиерот Заев вчера на седницата за пратенички прашања во Собранието, а е една од последните шанси да се постигне договор помеѓу СОНК и Владата пред најавениот генерален штрајк, кој доколку нема позитивен исход од преговорите, ќе почне на 11 ноември.

Синдикалците најпрво бараа покачување од 15%, но откако од Владата понудија 10% покачување на платите во образованието, кое би почнало од април, Неделков на прес конференција најави дека предлогот се прифаќа, но доколку покачувањето наместо од април почне од јануари.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека се надева дека нема да дојде до штрајк и истакна дека до сега на два пати се веќе зголемени платите.

„Имајќи ги предвид сите параметри и за други реформски процеси за кои има финансиски импликации, верувам дека ќе најдеме начин и решение за следното покачување на платите“, рече Адеми.

Заев пак, вчера рече дека зголемувањето кое тие го дале за 2 ипол години било еднакво на она што ВМРО-ДПМНЕ како власт го дале за 11 години.

„Факт е дека за 11 години ВМРО-ДПМНЕ направи покачување од десет отсто и факт е дека за две години и пет месеци оваа Влада направи зголемување од десет отсто или кумулативно 10,8 отсто. Во едни такви околности смогнавме сили затоа што чесно ја водиме државата и има пари во овој буџет, не се трошат за глупости. Испративме порака до СОНК и до сите наши учители, наставници, професори од основото, средното и високото образование, дека сме тука да направиме напори да обезбедиме повеќе пари. Понудивме уште десет отсто и тоа е се вкупно 21,4 отсто кумулативно пресметано“, рече Заев.

Александар Тодески

Фото: Борче Поповски

Слични содржини