Фоторепортерот на Чаир го нападнал кошаркарот на Работнички

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи (МВР) излезе со детали за инцидентот пред два дена во скопската населба Чаир, при што за време на натпревар беше нападнат кошаркар. Според полицијата, фоторепортер го предизвикал немилиот настан.

-На 11.12.2022 во 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска сала „Шабан Трстена“ на подрачје на Чаир, за време на одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу КК „Чаир“ и КК „Работнички“, вработен како фоторепортер во кошаркарскиот клуб „Чаир“ влегол на теренот и физички нападнал кошаркар на гостинскиот клуб. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во билтенот на МВР.

Инцидентот се случи кон средината на вториот период на кошаркарскиот натпревар помеѓу Чаир и Работнички од македонската кошаркарска лига, кога при убедливо водство на гостинскиот тим (44-23), а по мала кавга на Американецот Нотиџ од „Градски парк“ со домашниот плејмејкер, Арбин Рушити.

Хулиганот го претрча целиот терен за да стигне да го удри Нотиџ, по што беа одвоени, но тој не се предаде па продолжи да замавнува со цел да го нокаутира противничкиот кошаркар.

Чаирскиот клуб излезе со соопштение по повод немилиот настан, го осудија инцидентот и прстот го вперија во неодговорниот поединец.

„-Најостро го осудуваме вчерашниот инцидент помеѓу нашиот клуб и Работнички. Исто така жалиме што супер атмосферата на крајот заврши на најлош можен начин. Овој супер-добро организиран настан, на кој публиката беше на највисоко ниво со супер-фер и коректна атмосфера, остана во сенка на инцидент инициран од ПОСЕБЕН ПОЕДИНЕЦ. Како клуб им се извинуваме на сите наши љубители на спортот, на КФМ и на противничкиот клуб. Како клуб ве уверуваме дека вакви инциденти нема да се повторат и немаат повеќе место во нашата куќа, реконструираната сала ‘Шабан Трстена’“, се вели во реакцијата на челниците на Чаир 2030.

Засега е познато само дека Работнички го доби службено мечот со 20-0, а Чаир 2030 остана и без бодот кој им припаѓа на поразените.

Слични содржини