Францускиот предлог пред пратениците, ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промени на Устав

од Vladimir Zorba
247 прегледи

Пред пратениците во Собранието денеска ќе се најде францускиот предлог, а претходно на пленарна седница обраќање ќе има претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен ќе се обрати пред Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница, на која како што е најавено се поканети и претставници на дипломатскиот кор. По завршување на седницата, Собранието ќе ја одржи и 81-та пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак вчера со порака дека неговата партија нема да гласа за измена на Уставот.

-Најодговорно Ви тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на Уставот, а нема да гласаат мислам ниту пратениците од СДСМ откако ќе го видат Протоколот кој ќе го потпише Бујар Османи, изјави Мицкоски на почетокот на вчерашниот протестен марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“.

– Продолжуваме онаму каде што застанавме. Рековме дека сето она што ќе се случува деновите кои што се пред нас во Парламентот преставува обична фарса, суштината е во оваа зграда овдека. А, суштината е дека тие што се во оваа зграда овде веќе се согласиле на тоа кое што го нарекуваат модифициран последен предлог, а во суштина е ништо повеќе отколку директен удар врз македонскиот идентитет. Тоа се луѓето кои што ќе останат запаметени во македонската историја како луѓе кои го распродаваа идентитетот македонски за да ги зачуваат своите фотелји уште неколку месеци, рече меѓу другото Мицкоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вчера изјави дека Владата е единствениот орган што може да ја одбие или прифати преговарачката рамка.

– За преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган којшто ја прифаќа или одбива е Владата, но Владата е уплашена од револтот на граѓаните и се обидува преку Собранието да амортизира и пратениците на владејачката коалиција да ги користи како алиби, како бројка за наводно прифаќање на францускиот предлог за којшто Парламентот нема надлежност, изјави Милошоски.

Според него, сега расправата е сведена на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, а информација, според Деловникот, е најнискиот ранг на расправа во Собранието.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера рече дека МВР ќе ги преземе сите мерки за безбедност на пратениците и на законодавниот дом, посочувајќи дека се собираат потребните податоци и информации, како што потенцираше, во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата

Слични содржини