Фрчкоски: Никој нема да го жали Мадуро кој што е кршач на човекови права и диктатор, но неговото апсење е преседан кој го руши меѓународното право и ја отвора Пандорината кутија

„Недвосмислено е дека акцијата на Американците во Венецуела е надвор од меѓународното право и ја крши основата база на сувереноста на власта во земјите“, вели проф. Фрчкоски за „Локално“

од Nikola Popovski
144 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Недвосмислено е дека акцијата на Американците е надвор од меѓународното право и ја кршат основата база на сувереноста на власта во земјите. Сега тука се судираме со политичката проценка на Американците, барем како што рече Марко Рубио (американскиот државен секретар), дека тоа го прават поради загрозување на нивната држава со нарко-картелите од Венецуела и од таму го влечат правото на интервенција. Тоа е полно со иронија и ретко кој верува во тоа бидејќи се работи за една подолгорочна тензија меѓу САД и Венецуела поврзана со нивното богаство со тешка нафта која е најголема во свет“, вели во разговор за „Локално“, професорот по меѓународно право и поранешен амбасадор, Љубомир Фрчкоски за акцијата на САД во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро.

Според него, ароганцијата на операцијата покажува обид за едно ново поставување на меѓународниот поредок на нови основи или влегување во хаос, а не поставување нов систем во меѓународните односи.

-Приказната како ќе се организира власта во Венецуела по изјавата дека Американците ќе раководат таму е многу комплицирано. Тоа никаде во досегашните примери не искочило така мазно како самата интервенција – секогаш е комплициран систем која ја завлекува земјата која интервенира во долготрајна војна или нестабилност. Никогаш не е мазна транзиција и промена на режимот. Тоа е политички проблем кој ќе го решаваат САД, објаснува Фрчкоски и додава дека заклучок од целата приказна, а која во некои текстови се нарекува „Путинизација на американската политика“ е, како што вели, арогантниот гест дека прават она што го сакаат и никакви правила на меѓународното право и систем не се важни за нив – што значи комплетно рушење на Обединетите нации како институција и нејзините цели, создавање на преседан без дискусија…

Фото: Принтскрин/Јутјуб/ BBC News

-Таков преседан е индиректна поддршка на рускиот преседан бидејќи е нешто слично на руската агресија во Украина. Сега другите преседани на големите сили како Кина итн кои што можат да го направат, остануваат отворени и можат да се покријат. Со вакви гестови на големите сили, не само што го рушиме претходниот меѓународен поредок по Втората светска војна, туку и не е влегување во некаков нов систем на нова поделба туку во хаотична-анархична ситуација и ситуација без систем, што е најголема опасност во целата приказна и во која најмногу се изложени малите држави како што сме нив, истакнува професорот.

Во оваа ситуација, додава Фрчкоски, никој нема да го жали Мадуро кој што е кршач на човекови права и диктатор, веројатно е и организатор на илегални активности за кои го обвинуваат и опозиционерите во Венецуела, но актот со кој се направи акцијата и апсењето е преседан кој го руши меѓународното право и ја отвора Пандорината кутија во меѓународните акции.

-Нормално дека Данците се загрижени откако претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека Гренланд им е неопходен. Во таа смисла предвидуваат дека можеби ќе го преземат и него и им се закануваат и на Колумбијците кои ги примаат бегалците од Венецуела. Има интересен тренд – во моментот кога меѓународното право е најслабо и најмалку може да испорача резултати, се зголемува реториката на помладиот свет и академските кругови во одбрана на меѓународното право. Од една страна се создава парадокс дека е најслабо меѓународното право, а истовремено се зголемува поддршката за него, бидејќи не се гледа друг излез освен поддршка на тие норми кои тешко се изборени по Втората светска војна. Тешко се градат, а лесно се рушат. Останатиот пристоен свет се држи за нормите и работи да бидат актуелни, објаснува Фрчкоски за преседанот на американската воена интервенција.

За ставот на македонските власти и поддршката за САД во оваа ситуација, професорот со свој став:

-Тоа се глупости дали власта дала или не дала поддршка…Тоа никому ништо не значи освен страв дека може да бидат третирани поради корупција…Тука сакам да укажам на новиот закон на американскиот Конгрес за Западен Балкан. Таму има два столба преку кои ќе се контролираат развојот на демократијата– едниот е борба против корупцијаta, а другиот е борба против лажните вести и државно форсираните, пропаганда, ширење на таа магла. Таа линија не задира многу нас и таа е организирана од власта во Македонија на систематски начин и потпаѓа под удар на овој закон. Од страв од тие активности, небитно е и маргинално како се поставиле нашите власти во однос на акцијата во Венецуела, анализира Фрчкоски.

Фото: Фејсбук

САД почнува клучна правна битка против соборениот венецуелски лидер, кој денеска првпат ќе се појави во Федералниот суд во Менхетен, соочен со 15 обвиненија за нарко-тероризам, корупција и трговија со оружје. Неговата одбрана го оспорува апсењето, додека Вашингтон испрати остри закани до новите власти во Каракас за можни воени интервенции при пружање отпор.

„Со Делси Родригез ќе биде едноставно: или ќе соработува за доброто на својот народ и за пристап до нафтата, или ќе плати поголема цена и од самиот Мадуро. Ако не се однесуваат како што треба, подготвени сме за ’втор удар‘. Ние сме главни таму“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Ублажувајќи ги изјавите на Трамп дека САД привремено ќе управуваат со Венецуела, државниот секретар Рубио порача дека Вашингтон нема да има секојдневна улога во земјата, освен спроведување на постоечкиот „нафтен карантин“.

„Она на што сме фокусирани во моментов се сите проблеми што ги имавме кога Мадуро беше таму. Ќе им дадеме можност на луѓето да се справат со тие предизвици. И сè додека не ги решат, ќе продолжат да се соочуваат со овој нафтен карантин и притисок од САД“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Иако привремената венецуелска претседателка Родригез првично упати дефанзивни пораки, подоцна од палатата Мирафлорес повика на соработка и дијалог. Сепак, министерот за одбрана предупреди дека постапките на САД може да ѝ се случат на која било земја.

„Светот треба да биде на штрек бидејќи ова претставува сериозна закана за глобалниот поредок. Ако денес беше против Венецуела, утре може да биде против која било земја. Бараме итно ослободување на претседателот Мадуро и првата дама кои беа киднапирани. Високото воено командување на Републиката денес е обединето заедно стоејќи наспроти империјалната агресија што се случи“, изјави Владимир Падрино Лопез, министер за одбрана на Венецуела.

Додека продолжуваат меѓународните реакции, Советот за безбедност на ОН на итна седница, на барање на Русија и Кина поради, како што наведуваат, кршење на меѓународното право од САД. Генералниот секретар Гутереш веќе предупреди на опасен преседан, а ЕУ повика на смиреност и мирно решение, повторувајќи дека Мадуро нема демократски легитимитет и дека транзицијата во Венецуела мора да биде мирна и суверена. Во меѓувреме, Трамп ги прошири заканите кон Колумбија и Куба, најавувајќи дека Венецуела е само првиот чекор во преуредувањето на јужната хемисфера, а Богота веќе распоредува војска на границата.

Н.П.

Слични содржини