Доаѓа крај на попустлива надворешна политика, порача лани во март потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на програмската дебата насловена „Дипломатски хоризонти – реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија” кога презентираше сегменти од изборната програма „Платформа 1198″. Полноправно членство во ЕУ е основниот приоритет на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, но повтори дека ставот на партијата за спорот со Бугарија е јасен, а тоа е дека нема да има уставни измени во постоечките политички услови.
Во меѓувреме, Бугарија повтори дека нема да отстапи од своите услови кон Македонија на евроинтегративниот пат за целосно спроведување на францускиот предлог. Шефот на бугарската дипломатија тврди дека нема дополнителни услови и барања во пристапувањето на Македонија во Европската унија. Георг Георгиев потенцира дека членството во ЕУ не е дадено, туку се базира на одредени критериуми што секоја земја-кандидат мора да ги исполни, а Бугарија строго се придржува до своите обврски. „Важна компонента на одлуката што ја донесе Националното собрание е дека немаме и не можеме да имаме дополнителни услови и барања во врска со пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Верувам дека ова е јасен и доволен сигнал за нашата доследност, потврда на пораките што отсекогаш сме ги испраќале. Верувам дека со ова, од највисоката државна позиција во Бугарија, одговараме на таканаречените загрижености на нашите партнери надвор од западната граница, кои сте ги слушнале повеќепати, дека ако го променат својот Устав, Бугарија може да наметне дополнителни услови. Ова не било, не е и нема да биде случај“, вели министерот за надворешни работи на Бугарија.
За досегашната надворешна политика на земјава откако новата Влада дојде на функцијата, поразговаравме со екс-министерот и поранешен амбасадор, Љубомир Фрчкоски. Според него, надворешната политика во овој период фактички не постои и ВМРО-ДПМНЕ никогаш немало надворешна политика. Во разговор за „Локално“, Фрчковски вели надворешната политика секогаш се водела од СДСМ.
-ВМРО-ДПМНЕ пред надворешната политика стојат како „визиготи“ пред црквата Нотр Дам –кога ќе дојдат, ја гледаат и немаат поим што да направат. Притоа имаат неколку флоскули дека меѓународните договори на Македонија биле предавнички и ги правеле корумпирани политичари. Тоа е хистерична пропаганда и според нив, треба да ги покрие нивното неправење ништо и незнаење да се направи.
Има некои потези кои се исклучиво погрешни и се штетни за надворешната политика – блокадата со Бугарија и европскиот пат. Недопустливо е да не го прочитате францускиот предлог против кој наводно се и да видат дека тој е исклучиво во наш интерес и самите треба да ги предложиме. Особено поради чистата употреба на македонскиот јазик и ставањето на Бугарите во Устав како малцинство што е признавање дека постои друг народ различен од нив, истакнува Фрчкоски во разговорот.
Соговорникот потенцира дека тоа е комплетен колапс на претходната политика на Бугарија дека сме еден народ, а две држави. Смета дека за нас тоа е голема предност.
-Ако ја испуштиме, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во моментов не само што нема надворешна политика туку има предавничка национална и антимакедонска. Во многу опасен момент ја блокираат Македонија кога САД е надвор од регионот и Русија се повеќе и Србија и Унгарија имаат влијание во земјава. Тоа е лошо за нашата демократија. Тие неколку потези се гледаат преку унгарското инсистирање на Коридорот 10, а не Коридорот 8 што е наш стратешки интерес. Нашите се согласија за прекин на парите и направија страшна грешка во надворешната политика. Внатрешното влегување на овие авторитарни земји кај нас само ќе ја потенцира и бетонира авторитарноста на режимот со кој се соочуваме, тврди Фрчкоски.
Екс-амбасадорот посочува дека опасноста е таква што кај малите земји, надворешната политика им е 80% од политиката – таму ги добиваат своите пари, позиции, бзбедност…
-Ако тоа не го водите, внатрешната политика страда и ние сме во таква позиција. Целосен статус-кво, едно скапување, пари нема во Буџетот и практично се превртуваат од празно во шупливо. Државата се претвора во „рекет-земја“ која ги ограбува поштените бизнисмени за да им ги земе парите и да ги решава своите буџетски дефицити. Половина од кредитот од Виктор Орбан е потрошен за нешто што не смее да биде потрошен – пензии и плати наместо за развој. Сега се влегува во една очајничка варијанта со Договорот со Велика Британија. Се она што го зборувале за мигрантите, ќе го проголтаат и ќе формираат кампови за оние луѓе кои се одбиени или чекаат азил во Велика Британија. Тоа е отворен став на Кралството. Нашите недопустливо не лажат околу тоа. Можеби не треба да се има тврд став кон мигрантите, но треба да се каже искрено зошто тој договор е наменет. Тоа е пресекот на една очајна и слаба надворешна политика, заклучува Фрчкоски.
Околу улогата на министерот Тимчо Муцунски, соговорникот потенцира дека надворешната политика исклучиво се води од премиерскиот кабинет, но проблемот е што таа повеќе е заклучена отколку што се води нешто.
-Министерот за надворешни работи не постои од почетокот до крајот, тој е небитна фигура и нема никаква улога освен некакви ситни прогони, ситно шарење со МНР, праќање на луѓе и враќање и хипер-ПР активности кои му се дадени на рака. Тој не постои како министер и не постои како креативна фигура на надворешната политика, дециден е Фрчкоски.