Данската премиерка Мете Фредериксен беше директно прашана каков е нејзиниот план ако САД се обидат да го земат Гренланд со сила, објави весникот „Берлингске“.
„Мислам дека повеќето Данци имаат и почит и разбирање дека не можат да делат сè, особено не на ваква сцена“, рече таа на панел-дискусија во Ниборг, на која учествуваа и други политичари.
Новинарката повторно ја праша дали воопшто има план.
„Има многу работи на кои нема да одговорам. Мораме да пристапиме кон ова на поопшто ниво, ние сме на пресвртница и ова е судбоносен момент“, рече Фредериксен.
Таа додаде дека „она што е во игра“ е поголемо од „она што може да се види со голо око“.
– Ако она што го доживуваме од американска страна значи дека навистина му се врти грбот на западниот сојуз, дека му се врти грбот на нашето учество во НАТО со заканување на сојузник, што никогаш порано не сме го доживеале, тогаш сè запира – додаде премиерката.
Во меѓувреме, Кина исто така се приклучи на борбата за Гренланд. Нејзиното Министерство за надворешни работи објави дека Арктикот е од клучно значење за целата меѓународна заедница.
Според кинеската новинска агенција Ксинхуа, Кина ги критикува САД и нагласува дека не треба да „ги користи другите земји како изговор за сопствените интереси“.
– Арктикот се однесува на заедничките интереси на меѓународната заедница – изјави Мао Нинг, портпаролка на Министерството за надворешни работи.
Кинеското министерство, исто така, нагласува дека односите меѓу државите мора да се водат во согласност со правилата на Обединетите нации, пренесе „Берлингске“.