„Одбројување“ на Фросина Пармаковска, објавен од издавачката куќа „Или-Или“, ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Одлуката ја донесе жири во состав: Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“, и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Според образложението на жирито, романот „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие.
– Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае, се наведува во обрзложението на жирито кое на прес-конференцијата го прочита минатогодишниот добитник и член на жирито Давор Стојановски.
Пармаковска и се заблагодари на фондацијата „Славко Јаневски“ што, како што рече, ја спаси оваа награда и ја продолжи традицијата на нејзино организирање и доделување. Од 1999 до лани со непрекинат континуитет ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.
– Дополнителна радост за мене е што е именувана по Славко Јаневски, едно од најголемите имиња на нашата литература, што е и дополнителна одговорност кон секој напишан збор, секоја напишана книга, кон секој читател и кон споменот на Славко Јаневски. Му се заблагодарувам и на жирито кое му ја даде довербата на „Одбројување“ да ја носи оваа награда и се надевам дека и читателите во романот ќе го најдат она што го нашло жирито, рече Пармаковска.
„Одбројување“ е трет роман на Пармаковска која дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература. Таа е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.
Нејзиниот роман беше избран меѓу 27 пристигнати на 19-тиот конкурс за „Роман на годината“ а финалисти на наградата беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“.
Според жирито, пристигнатите дела на годинашниот конкурс ги одликува тематска и жанровска шареноликост и јазички иновации во однос на современата лексика. Романсескната продукција, покрај плејадата докажани македонски писатели, донесе и силен бран помлади автори, чија свежина на идеи ги краси зрелост на изразот.
Генерален покровител на наградата е Комерцијална банка а.д.. Таа се состои од статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари. Врачувањето на наградата ќе биде на почетокот на април.