Гацов: Најдобрата опција за граѓаните е струјата да не се оданочува со ДДВ, но дали е можно тоа?

од Vladimir Zorba

Внимателно сублимирајќи ги сите предности и негативни аспекти во однос на можноста за враќање на ДДВ –то за струјата од 10 на 18% , даночниот експерт Павле Гацов посочува дека не е потребен волунтаризам и популизам во градењето на оваа одлука. Конечното решение според него треба да се донесе врз база на анализа на состојбите и проценка на движењата на цената на електричната енергија во иднина.

“Се разбира дека најдобрата опција за граѓаните е струјата да не се оданочува со ДДВ, ова би била добра опција и за останатите добра и услуги. Но, дали е можно тоа, особено ако државата не успева да го одржува квалитетот на јавните услуги, инфраструктурата,… и дека и за таквата незадоволителна состојба мора да се задолжува, односно да го одлага даночниот товар преку формата на позајмување на ликвидност, во земјата и надвор’’, вели Гацов за Локално.

Во оваа насока тој ја издвојува важноста од уредно прибирање на јавните давачки од страна на државата, за потоа таа преку своите институции да изврши прераспределба на прибраните средства на економски послабите субјекти ( граѓани и компании).

Гацов потсетува дека намалувањето на даночната стапка на електричната енергија беше привремена мерка, со законски утврден временски рок на траење, чиј рок на примена беше одлаган заради силината на ценовниот удар.

“Сметам дека мерката не треба да се применува ако се елиминирани причините заради кои мерката беше воведена. Очигледно е дека цените на струјата имаат тренд на намалување и враќање на извесно повисоко ценовно ниво од пред кризата. Овој став треба се потврди со анализи кои ќе бидат подлога на донесување на одлука за зголемување на стапката на ДДВ или оставање на исто ниво како и досега’’, посочува Гацов.

Ваквиот став го поткрепува со следните аргументи: Намалената стапка на ДДВ се однесуваше само на граѓаните и се очекува намалување на цената на струјата и повторно враќање на евтината тарифа. Отука според него, очигледно е дека се создава простор за пополнување со данок на создадениот ценовен простор.

Од друга страна, Гацов укажува дека промената на даночната стапка на ДДВ и овој пат нема значајно влијание на бизнис активностите на компаниите – ДДВ обврзници (освен како што вели тој, што влијае на тековната ликвидност: имено влезното ДДВ-то се плаќа редовно со плаќањето на набавките на струја, а се одбива месечно или квартално со секоја ДДВ пријава). Влезното ДДВ од компаниите продавачи на струја, компаниите купувачи имаат право да го одбијат од својата даночна обврска.

“Приликата што ја даваат намалените цени на енергијата треба да се искористи за враќање на полната даночна стапка на ДДВ, заради генерирање на буџетски приходи, кои ќе се користат за здрави буџетски расходи (редистрибуција), односно за сатурирање на задолжувањето”објаснува тој.

Во целата ситуација Гацов укажува дека не треба да се заборави дека намалена ДДВ стапка на електрична енергија плаќаат и богатите и најбогатите, еднакво како што плаќаат и сиромашните и најсиромашните (кои не се поддржани од државата), што само по себе делува дестимулативно на овие вторите. Ова, како што посочува, се однесува и на зголемената даночна стапка која ќе ја плаќаат сите подеднакво без оглед на економскиот статус, но поголемиот износ на прибрани пари од ДДВ создава шанса, организираната држава да спроведува активни социјални политики и во областа на енергетската сиромаштија, односно парите да ги пренесува кон економски послабите субјекти.

“Сепак ниту едно зголемување на даночните стапки и данок, не може да бидат оправдување ако економските субјекти имаат чувство дека истиот ќе биде потрошен на историски најголемо зголемување на функционерските плати, трошења без економска логика, за коруптивни зделки, … и ако не се видливи државни мерки насочени во борбата против сивата економија ‘’, предупредува Гацов.

К.В.С.

Слични содржини