Галатасарај ги претстави Икарди, Мата и поранешен играч на Барселона

од Vladimir Zorba
230 прегледи

Галатасарај дивееше во финишот на преодниот рок и потпиша со неколку нови играчи од кои се очекува комплетно да го променат ликот на тимот.

Клубот официјално го претстави Мауро Икарди, кој пристигна како позајмен од Пари Сен Жермен, а потпиша и со поранешниот ас на Челси и Манчестер Јунајтед, Хуан Мата. Шпанецот по завршувањето на договорот на „Олд Трафорд“ беше слободен играч.

„Сакам да им се заблагодарам на навивачите на Галатасарај за топлото добредојде. Моето семејство и јас сме навистина импресионирани. Имав многу понуди, но мило ми е што избрав да дојдам овде. Нашите цели се високи. Се надевам дека ќе ги постигнеме заедно“, изјави Икарди.

Договорот на 29-годишниот напаѓач вклучува опција за откуп. За ПСЖ одигра вкупно 92 натпревари и постигна 38 гола, а претходно за Интер постигна 124 голови на 219 натпревари.

Договорот на Мата е на 1+1 година. Поранешниот репрезентативец на Шпанија сега е на крајот од кариерата, но неговото искуство може да биде многу вредно за младите играчи на Галатасарај.

Турскиот гигант во вчерашниот ден плати 6 милиони евра за крилниот напаѓач на Рапид (Виена) Јусуф Демир, кој накратко мина низ Барселона, а се засили и со данскиот дефанзивец Матијас Рос и крилото Милот Рашица, кој доаѓа на позајмица од Норвич. Во неговиот договор нема откупна клаузула.

„Многу сум среќен што ќе бидам дел од овој голем клуб“, изјави косовскиот интернационалец.

Претходно „галата“ ги доведе Лукас Тореира, Серхио Оливеира, Лео Дубоа, Харис Сеферовиќ и Дрис Мертенс.

Галатасарај моментално е седми во турската Суперлига со 10 бода од 5 натпревари. Следниот натпревар на тимот е против Касампаша.

Слични содржини