ГАЛЕРИЈА: Судските службеници на протест, бараат повисоки приходи

од Aleksandar Todeski

Судските службеници од целата територија на С. Македонија излегоа на двочаосвен протест за зголемување на додатоците на плата за 10 проценти, колку што им се зголемува и на судиите. За нив, Судскиот-буџетски совет донесе одлука додатоците да се зголемат за 5 проценти, што според нив е малку.

Службениците велат дека и тие имаат стресна и тешка работа како и судиите, па затоа заслужуваат да добијат еднакво покачување со судиите.

„Со зголемувањето ќе се намали јазот меѓу судиите и вработените во судовите. Бараме итно да бидат исплатени платите на нашите колеги од судкста полиција, помошно-техничкиот персонал и вработените со  најниски примања. Судството не се само судиите, туку целиот тим кој работи. Сликата за судството ќе се измени кога ќе се подобрат состојбите на целиот тим“, рече претседателот на УПОС, Пеце Грујовски.

На протестот поддршка даде и претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, кој рече дека судските работници заслужуваат покачување по повеќе основи.

„Имаат навистина стресна работа, многу работат и не гледам зошто не би ги поддржале. Не гледам проблем во Судско-буџетскиот совет, бидејќи самите тие и ние, судиите ги поддржуваме судските службеници. Во периодот наназад се покачени платите на судските службеници, што е за поздрав и верувам дека и сега нема да биде проблем“, рече Џолев.

Протестот на службениците може да премине во штрајк, доколку барањата кои ги имаат за повисоки примања не бидат прифатени од извршната власт. Сепак, велат дека се оптимисти дека ќе се договорат со власта за и нивните приходи да бидат поголеми.

Александар Тодески

Фото: Борче Поповски

Слични содржини