По синоќешниот немил настан и опожарувањето на неговото возило во скопска Кисела Вода, претседателот на скопската организација на СДСМ и екс-директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски-Чомбе информира дека не е повреден и дека е во добра состојба. Во кратка изјава за „Локално“, тој искажа благодарност што скопската Противпожарна бригада пристигнала веднаш на местото на настанот.
Вели дека не добивал никого ниту се скарал со некој, за да дојде до ваква немила ситуација.
-Не се сомневам во никој бидејќи ниту некој ми се заканил ниту сум се скарал. Очекувам МВР да го расветли случајот во интерес на мирот на сите граѓани на Скопје, порача Галетановски.
МВР излезе со детали за настанот кој се случил ноќеска два часа после полноќ.
-Денеска (09.09.2025) во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Иван Козаров“ во Скопје опожарено било патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Ѓ.Г.(43) од Скопје, а од пожарот биле зафатени уште две патнички возила „опел“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Е.К.(30) од Скопје и „форд“ со скопски регистарски ознаки сопственост на А.М.(47) од Скопје, информираат од полицијата.
Пожарот е изгаснат од скопската Бригада за противпожарна заштита.
-Нема повредени лица. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во соопштението од полицијата.
СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација – Скопје.
-Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи, велат од СДСМ.
Опозицијата бара МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат.
Галетановски претходно аплицираше на јавниот повик за нов директор на ЗОО но не беше избран, а најави дека ќе поднесе тужба против Град Скопје бидејќи и покрај тоа што два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште беше отворен, иако беа поминати сите законски рокови за жалби.
Н.П.