Галуп: Македонија најмалку сака мигранти

од desk2
119 прегледи

Македонија е последна на листата од 138 земји во светот и најмалку сака да прифати мигранти на својата територија, покажува истражувањето на „Галуп“, објавено од британски „Индипендент“.

 

Според истражувањето, мигрантите се најдобредојдени во Исланд и во Нов Зеланд, а Македонија е последна, 138-ма на листата, дури и после Унгарија и Црна Гора.

 

Од десетте земји во кои мигрантите не се добредојдени, девет биле дел од поранешниот советски блок, а повеќето од нив се наоѓаат на „Балканската рута“ по која се движеа барателите на азил од Грција кон Германија.

Податоците од истражувањето покажуваат дека мнозинството од луѓето, 54 отсто, изјавиле дека е добро мигранти да живеат во нивната земја, додека половината рекле е добро ако имаат мигрант во своето соседство.

Од вкупно 138 земји во светот, 77 имале просек поголем од светскиот во однос на тоа колку се добредојдени мигрантите, а 61 земја под светскиот просек.

Анкетираните граѓани одговарале на три прашања, дали е добро или лошо мигранти да живеат во вашата земја, да бидат ваши соседи или да стапат во брак со некој ваш роднина.

Галуп заклучува дека прифаќањето на мигрантите се зголемува со образованието, па оние кои што имаат повисоко образование се попријателски кон мигрантите. Исто така, утврдено е дека помладите генерации и оние кои живеат во урбаните средини повеќе ги прифаќаат мигрантите.