Интервју со Гарванлиев: На последниот настап под маски си реков „Боже каде стасавме и како живееме”

од Stefanija Kuzmanovska

Бев надвор 20+ години, и кога сите бегаат оставив се на страна и се вратив дома да се фокусирам на македонски албум и музика бидејќи верувам во нашиот талент и потенцијал, вели во интервју за „Локално“ пејачот Васил Гарванлиев.

Гарванлиев изјави дека неговото секојдневие изминативе месеци било исполнето со гласовни вежби, финализирање на албумот, запознавање со другите уметници.

Наведе дека 36-тиот роденден го поминал сам бидејќи бил позитивен на коронавирус, но пораките, видео повиците и корона тортата му го направиле денот многу специјален.

„Знаев дека нешто не е во ред кога наеднаш изгубив мирис без да сум затнат. Фала му на бога поминав многу лесно“, го опиша тој неговото искуство со короната.

Вели дека има многу планови за во иднина, но ако 2020-та го научила на нешто, тоа е да биде „уште потрпелив и флексибилен, зошто не знаеме утрото што може да ни донесе“.

Имате ли одреден настап или концерт кој што ви има посебно значење?

Скоро секој настап има своја магија. Последниот настап што го имав на 8 октомври годинава ќе го паметам долго време. Имав соло концерт во Салон 1919 во Скопје со многу строг протокол на дозволен број на лица во салата. Се гледаа само очи над маските. Првите дваесетина секунди од првата песна ми беа толку језиви и си викав „Боже каде стасавме и како живееме”, но кога го надминав тоа и сфатив дека публиката е толку интимна и во мојата рака – настапот беше толку интимен и магичен – со публиката бевме едно на иста вибрација.

Каква е македонската публика?

Желна за журка со водич кој знае да ја опушти, ослободи и однесе на специјално патување.

За која песна би кажале дека ви е лична карта?

Зависи! Толку лесно, а тешко прашање. Од моите – Мојата прва песна од 1994 ми е до ден денес омилена и ке биде препеана наскоро – Желба од срце. Од странски песни – Smile, Caruso, Summertime, и Losing my mind.

Што недостасува на македонската музичка сцена?

Естрада! Има една клише реченица во Волшебникот од ОЗ за Дороти: „Зошто гледаш и одиш подалеку кога се ти е во дворот“. Поради тоа што не се цениме и држиме еден до друг (не само во музикта,) бараме спас надвор. Јас бев надвор 20+ години и кога сите бегаат оставив се на страна и се вратив дома да се фокусирам на македонски албум и музика бидејќи верувам во нашиот талент и потенцијал.

Колку ве плаши коронавирусот ?

Не ме плаши колку што ме нервира. Се пазам и пак го закачив вирусот.

Колку и како ви влијаеше корона кризата?

Зависи од кој аспект.

Личен – Многу позитивно, дури фантастично. Прв пат во животот имав и имам толку многу време со самиот себеси. Да се исклучам од се наоколу и да го слушнам внатрешниот глас. За мене како уметник и човек нема нешто поубаво. Дали беше тешко? ДА! Но со секоја медитација, јога, вежба… си се запознав и засакав самиот себеси и моите најблиски околу мене.

Професионален – Многу тешко. Оваа година без приходи и настапи не е лесна. Сите сме во иста ситуација така да се тешиме некако и ќе го надминеме ова заедно.

Имате ли некоја идеја или предлог како да се организираат настапите и како да се крене свеста на луѓето да ги почитуваат мерките?

Многу луѓе не веруваат и мислат дека нив не може ништо да ги допре. Треба да се користат вистински приказни и ситуации од луѓе низ кои поминал вирусот (како јас хехе).

Како изгледаше вашето секојдневие во изминативе месеци, откако музичката индустрија застана со своите настапи и снимање албуми?

Па не застанав. Баш наспроти. Цело време сум фокусиран на гласовни вежби, финализирање на албумот, запознавање со другите уметници. Сите престанавме да патуваме за настапи така да имаме шанса да се запознаеме.

Какво беше овогодинешното искуство во однос на настапот на Евровизија, со оглед на коронавирусот и „затворањето“ на земјите?

Како најголемиот сон да ти се оствари и некој да ти го земе пред да се реализира. Но и тоа е простено зошто короната ни го зема на сите нас. Ако се прашам јас, класот од 2020 заслужува ЦЕЛ да ја има шансата да си запее за својата земја следната година. Имавме толку интересен план и идеа за настапот годинава… но верувам дека ништо не е случајно и дека нешто поголемо доаѓа.

Вашиот 36-ти роденден го прославивте во карантин, бидејќи бевте позитивен на коронавирус. Дали имавте изразени симптоми?

Знаев дека нешто не е во ред кога наеднаш изгубив мирис без да сум затнат. Фала му на бога поминав многу лесно, без никакви антибиотици – само со витамини и течности.

Да , бев сам на роденденот но пораките, видео повиците, корона тортата ми го направија денот многу специјален. Еве уште ЕДЕН настан кој ќе го паметам поради госпоѓа корона.

За време на карантинот се правеа лајв концерти, како поминаа тие (доколку ги правевте)?

Јас го поминав времето снимајќи видеа за евровизиските блогови, групи, online настани. Убавото во тоа беше што имав шанса да се посветам на сите фанови и да одговорам на пораките што нормлано ако функионира се и да сакаш немаш време да вратиш на сите.

Сте настапувале со многу познати ѕвезди како Нели Фуртадо, Енрике Иглесијас, Селин Дион и др. Какво е чувството да се настапува со ѕвезди од таков калибар?

Најнормално, дури да не кажам најлесно. Човек од тој калибар е свој – пее за да пее а не да докаже нешто. Сите сме луѓе и јас тоа – благодарение на Хорот го Чикаго кога бев мал – го искусив, врвот на музиката – од спот со R kelly, до солист во Carnegie Hall, до настап во Белата куќа за претседателот. Тоа е богатство кое не се учи во школо.

Дали искористивте некоја од економските мерките кои ги донесе Владата и важеа за помош на естрадни уметници? Доколку да, колку сте задоволни и дали оваа помош треба да продолжи во наредните месеци?

Не. И не е лесно.

Дали работите на нешто ново во моментов?

Да. Албумот ми е скоро готов и поради концертот што го спомнав во првото прашање – одлучивме со тимот да чекаме до пролет за промоција затоа што планирам голем спектакл за него.

Албумот ми е една целосна приказна и патека која ќе се реализира како пакет на сцена со 40ина луѓе – танчери, оркестар, екрани и светлосни ефекти, мода итн итн.

Паралелно на тоа спремам и English EP кој го планирам за летото 2021.

Идни планови?

Да ширам позитивна енергија и љубов преку гласот и мојата музика.

Имам многу планови но ако 2020 ме научи на нешто, тоа е да сум уште потрпелив и да сум флексибилен зошто не знаеме утрото што може да ни донесе.

С.К.

Фото: Мартин Трајановски

loading...

Слични содржини