Гаши: Бојкот кај албанскиот електорат не е средство за реализација на идејата за избирање на Претседател во Собрание

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Ние немаме кандидат во вториот круг и нашите гласачи или гласачите на господинот Таравари не ги носиме на кошничка за да ги подариме на некому. Немаме никакви преференции кон другите кандидати, а доколку во меѓувреме се одлучи поинаку, секако јавноста ќе биде известена, вели во интервју за „Локално“, лидерот на Алтернатива и дел од коалицијата „Влен“, Африм Гаши за претстојниот втор круг од претседателските избори.

Очекува дека здружената албанската опозиција ќе има значително покачување на бројот на гласови на парламентарните избори, бидејќи, како што истакнува, голем број на наши гласачи не гласаа на претседателските избори судејќи според шансите кандидат Албанец да влезе во вториот круг.

-Јас не мислам дека внесувањето на Бугарите во Уставот е уцена за никого во државата. Така Северна Македонија само добива во квалитет на мултиетничката држава. Ниту не сакаме да уценуваме некого, ниту дозволуваме да бидеме уценети. Затоа очекуваме разум и дискусија преку аргументи, посочува Гаши.

Претседателот на Алтернатива за ДУИ вели дека сами избрале погрешна насока, со тоа што излегле од битката кај албанското гласачко тело, па затоа, според него, го изгубиле правото да зборуваат со тој легитимитет.

-Се додека тие се натпреваруваа кај етничкиот камп, ние го почитувавме тоа, но сега кога нивните гласови се зголемени со гласови од Ромите, Турците, Бошњаците, Торбешите, Египќаните и други, што е сосема легитимно право од нивна страна да бираат со кого одат на коалиција, не можат веќе да се повикуваат како претставници на Албанците, порачува Гаши во интервјуто.

Првиот круг на претседателските избори го покажа во голема мерка расположението кај македонскиот електорат. ВЛЕН, од чиј дел сте, сепак загуби од ДУИ во дуелот меѓу Таравари и Османи. На што се должи резултатот од првиот круг?

-За жал, јас не се согласувам со вашиот заклучок. Ако вашата констатација се состои од бројките на гласовите на кандидатите според тоа што ДИК го соопштил, вашата констатација е точна, но ако сте ги следеле нашите јавни настапи, ние сме рекле дека единствените победници на изборите во албанскиот блок е коалицијата ВЛЕН. Всушност, ние немавме натпревар со ДУИ и со господинот Османи, бидејќи тие веќе се во мултиетничка коалиција и таа е друга лига, во која ние не се натпреваруваме. Ние зборуваме за етничката лига и во таа лига коалицијата ВЛЕН и Арбен Тараври е единствениот победник.

Многу се зборува за „трансфер“ на гласовите на Албанците за еден од кандидатите во вториот круг. Со оглед на „блискоста“ на Таравари со Мицкоски, кој изјави дека ВЛЕН е посакуван партнер за идната влада, дали сте спремни како Движење да повикате за гласање за Силјановска Давкова во вториот круг?

-За волја за вистината, ние уште немаме разговарано на оваа тема, бидејќи за нас претседателските избори се веќе завршени. Ние немаме кандидат во вториот круг и нашите гласачи или гласачите на господинот Таравари не ги носиме на кошничка за да ги подариме на некому. Ние немаме никакви преференции кон другите кандидати, а доколку во меѓувреме се одлучи поинаку, секако јавноста ќе биде известена.

Колку евентуален бојкот од албанскиот електорат би значело и идно избирање на претседателот на земјава во Собрание?

-Не мислам дека бојкотот е средство за реализација на таквата идеја. Точно е дека ние се залагаме за избор на претседател на државата во Собрание. Сме се изјасниле и јавно за тоа, дека ќе покренеме јавна дебата и при уставните измени ќе побараме да се воведе тоа, но кога веќе сме во процес на избори, кога веќе се направени толку трошоци од државниот буџет и кога еден кандидат може да добие легитимитет, не мислам дека во овој случај бојкотот е најдоброто средство за спроведување на едно демократско право.

Сметате ли дека расположението во однос на гласањето ќе се пренесе и на 8.мај на парламентарните избори?

-Мислам дека духот ќе биде тој, само што очекуваме дека албанската опозиција ќе има значително покачување на бројот на гласови, бидејќи голем број на наши гласачи не гласаа за претседателски избори судејќи според шансите некој Албанец да влезе во вториот круг. Сега ќе имаме и илјадници наши иселеници кои веќе се пријавиле дека ќе дојдат да гласаат, па сето тоа секако ќе донесе изненадување.

Османи се закани дека нема да дозволи ДУИ да не биде во идната Влада, секако доколку освојат повеќе гласови од албанската опозиција? Дали ќе видиме нов 27 април можеби?

-Јазикот на закани најмалку е европски јазик, но за жал нивната нервоза ги тера да изреагираат во афект. Тие сами избрале погрешна насока, со тоа што излегоа од битката во албанското гласачко тело, па затоа го изгубиле правото да зборуваат со тој легитимитет. Се додека тие се натпреваруваа на етничкиот камп, ние го почитувавме тоа, но сега кога нивните гласови се зголемени со гласови од Ромите, Турците, Бошњаците, Торбешите, Египќаните и др., што е сосема легитимно право од нивна страна да бираат со кого одат на коалиција, но не можат веќе да се повикуваат како претставници на Албанците.

Затоа не само што нема да има 27-ми април, туку ќе имаме една прослава на европски 9-ти мај, така што при прослава на Денот на Европа, ќе славиме и заминување на ДУИ во опозиција.

Веќе почнавме да слушаме препукувања меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кои ги подгреваат и меѓуетничките тензии. СДСМ веќе повика да се „смири“ топката, со цел да не дојде до инциденти. Колку сепак е ова ситуација за ловење гласови, а колку вистинска опасност која може да ја доведе во опасност државата?

-Тоа се нивни стари навики, со кои ние не се занимаваме. Ние не мислиме дека со подгревање на националистичка реторика треба да се дојде во подобар изборен резултат. За нас е важно изборите да бидат коректни, демократски и уредни. После тоа, како дел од идната влада сме фокусирани на нашите програмски определби: продолжување на европскиот пат, борба против корупцијата, владеење на правото, економски развој, реформи во образованието, заштита на семејството, што значи дека за нас темите на кавги кој е подобар Албанец или Македонец се надминати, бидејќи граѓаните очекуваат од нас поквалитетен живот и благосостојба, а не вештачки кавги.

Апасиев повика, како контра на „албанската платформа“, да се потпише македонска платформа со која, според Левица, ќе се запрат уцените од партиите од албанското малцинство, а една од точките е и одлучно „не“ за внесувањето на Бугарите во Уставот. Како го коментирате овој повик? Дали Македонците се уценети од Албанците во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот, како што вели?

-Јас не мислам дека внесувањето на Бугарите во Уставот е уцена за никого во државата. Така Северна Македонија само добива во квалитет на мултиетничката држава. Ниту не сакаме да уценуваме некого, ниту дозволуваме да бидеме уценети. Затоа очекуваме разум и дискусија преку аргументи. Ако нашиот европски пат поминува низ уставните змени, ние не треба да бидеме заложници на стравот дека некој некого уценува. Во Северна Македонија целиот политички спектар, освен Левица, е проевропски ориентиран и ние немаме дилеми дека кога се има волја за тоа, се наоѓаат и начини за надминување на сите пречки, какви и да се тие.

Што очекувате да се случува по 8. мај, ќе продолжи ли евроинтегративниот пат на земјава (и ќе се изгласаат уставните измени за 6 месеци) или не очекува политичка криза?

-Секако немам дилема дека евроинтегративниот пат ќе продолжи. Северна Македонија нема друга алтернатива, освен тој пат. Затоа, пречките, недореченостите, несогласувањата се дел од дискусијата со аргументи, но тоа на никој начин не подразбира поинаква ориентација. Затоа не гледам простор ниту за криза. За сите нас, за граѓаните воопшто, евроинтегративниот пат е клучен и ние мора да најдеме сили да го пребродиме секоја пречка, бидејќи станува збор за иднината на нашите поколенија и воопшто, на нашата држава.

Н.П.

Слични содржини