Георгиески за „асфалтираните дрвја“: Лага и чиста политичка манипулација на опозицијата

од Nikola Popovski

Лага и чиста политичка манипулација се информациите и фотографиите кои попладнево беа објавени на социјалните мрежи, во врска со градежните работи за проширување на улицата “Кирил и Методиј” заради оформување на поголем број паркинг места, објави градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески.

Според него, поради специфичната конфигурација на теренот, во делот на постоечкиот дрворед најпрво е извршено асфалтирање, по што веднаш е извршено отсекување на асфалтот и оформување на соодветен простор околу дрвјата.

-Недозволиво и неетичко е да се критикуваат градежни активности кои сеуште се во тек! Затоа упатувам апел до опозицијата и носителите на јавни функции, да не ја дезинформираат јавноста на штета на имиџот на градот. Наместо да бидат дежурни пишувачи на социјалните мрежи нека дадат придонес во креирање на политики кои се во интерес на градот и граѓаните кои ги избрале, потенцира Георгиески и додава дека „додека тие се занимаваат со неосновани обвинувања, ние продолжуваме континуирано и интензивно да работиме на подобрување на инфраструктурата и да реализираме проекти кои се во интерес на Охрид“.

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ вчера објави фотографија на која се гледаат како две дрвја се покриени со асфалт, односно како што тврдат, тие се наоѓаат на местото Кошишта кон Горна Порта.

Слични содржини