Клучната разлика меѓу Европа и САД е послабиот раст на продуктивноста на Стариот континент, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева денеска за време на завршната дискусија на Светскиот економски форум во Давос за глобалните економски изгледи.
Таа најпрво изјави дека ММФ очекува многу силни перформанси од САД, бидејќи ги подобриле проекциите за американскиот економски раст од 2,2 на 2,7 отсто оваа година, додека перформансите на европската економија „не се многу добри“.
„Најважната порака што ја имам за публиката е да го поставам прашањето зошто? Зошто растот во САД е толку силен? Зошто растот во Европа е малку разочарувачки? Зошто пазарите во развој не се фантастично? А одговорот лежи првенствено во разликите во растот на продуктивноста“, истакна Георгиева.
Лагард: Европските лидери да ја намалат бирократијата и да ја зајакнат економијата
Европските лидери треба брзо да дејствуваат и да ја намалат бирократијата и регулативата за да ја поттикнат економијата, изјави денеска претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард за време на завршната дискусија на Светскиот економски форум во Давос за глобалните економски изгледи.
„Ако разговарате со извршните директори, ако разговарате со корпоративниот свет во моментов, со луѓето кои носат големи инвестициски одлуки, тие не се многу добро расположени во моментов“, рече Лагард, додавајќи дека нивните најголеми поплаки се за високите цени на енергијата во Европа и прекумерната бирократија .
Според неа, цените на енергијата паѓаат бидејќи европскиот удел во енергијата од нефосилни горива расте и сега изнесува 70 отсто, но поплаките за прекумерната регулатива и бирократијата се „повик за будење“ на кој креаторите на политиката мора итно да одговорат.