Во овој момент со господинот Ѓорги Спасов сме на иста страна и посебно ми е задоволство што еве после 20 години тој се бори да стане поголем бугарофил и гркофил од мене – вака експремиерот Љубчо Георгиевски му одговори на Спасов, кој му порача на Георгиевски да не се плаши од директни средби меѓу македонската и грчката влада со цел надминување на спорот за името.

Во изјава за порталот Поглед, Георгиевски појаснува што мислел кога рекол Македонија да се врати на предлозите на медијаторот Метју Нимиц, наместо да се впушта во билатерални средби со Атина.
Тој смета дека подобро ќе биде Македонија да му се обрати на Нимиц и тој да направи еден документ од сите негови предлози во минатите 15 години и тоа да биде појдовната точка од која ќе се преговара.