Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер најави воведување гранични контроли на границата со Полска и Чешка, објавија во саботата германските медиуми.
„Мислам дека сега треба да бидеме прагматични и да воведеме стационарни гранични контроли и на границите со Полска и Чешка“, рече германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (Социјалдемократската партија на Германија СПД) во интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“.
Таа рече дека веќе има длабински контроли во пограничните области кои ќе бидат надополнети со стационарни контроли на самата граница. Истовремено, Фезер рече дека не треба да се очекува дека воведувањето постојани гранични контроли кон Полска и Чешка ќе го реши проблемот со илегалната миграција.
„Ова е само еден од инструментите што треба да придонесат за намалување на бројот на бегалци кои доаѓаат во Германија“, изјави германскиот министер за внатрешни работи.
Фезер со месеци го одбиваше барањето на опозицијата и сојузните покраини на истокот на Германија, кои се под напад на се посилниот бегалски бран кои во последно време сè почесто пристигнуваат преку Чешка и пред се Полска. Од 2015 година вакви контроли има и на германско-австриските гранични премини.
Најавата на Фезер дека сепак ќе воведе контрола кон Полска и Чешка беше поздравена од полициските синдикати, како и од демохристијанската опозиција.
Како што објави неодамна јавниот сервис АРД, т.н Балканската рута до Германија води преку Унгарија и понатаму Словачка, Чешка или Полска. Причините за промената на рутата се зголемената контрола на хрватската граница со Босна и Херцеговина, како и построгиот режим за регистрација на бегалците во Австрија.
Фезер рече дека една од причините за зголемувањето на бројот на бегалци е фактот што договорот меѓу Европската унија и Турција за спречување на заминувањето на бегалците во ЕУ „во моментов не функционира добро“.
Борбата за намалување на бројот на бегалци е главна општествено-политичка тема во Германија последниве денови, а власта и сигнализираше на опозицијата дека се залага за меѓупартиско решение на ова прашање.
Во првите осум месеци од годинава во Германија пристигнале над 200.000 бегалци, што е повеќе отколку во цела минатата година, а властите стравуваат дека бројките би можеле да ги достигнат размерите на кризните години 2015 и 2016 година, кога над милиони бегалци, главно од Сирија, пристигнаа во Германија.
Градовите и општините со месеци испраќаат апели до федералната влада да го запре приливот на бегалци поради преполните капацитети за прифаќање и прекршување на финансиските рамки.