Германски медиуми за изборите во Србија: „Вучиќ одбива да попушти и ѝ се заблагодарува на Москва“

од Stefanija Kuzmanovska
335 прегледи

Опозицијата продолжува со протестите во Белград, а владините претставници ја обвинуваат за „обид за државен удар“. Вести за тоа има и во германските медиуми, пишува „Дојче веле“.

За протестите и нередите во Белград медиумите на германски јазик известуваат накратко, агенциски. Причината за тоа е што божиќните празници траеја до вчера, а во Германија не се работеше, објаснува гореспоменатиот медиум.

Се истакнуваат насловите: „Против наводната изборна измама: Обид за упад во градското собрание на Белград за време на демонстрации“ (ЗДФ), „Српската полиција уапси 38 демонстранти“ (Шпигел), „Многу повредени во протестите против парламентарните избори“ (Цајт), итн.

„Зидојче цајтунг“ пренесе и кратка вест од Белград во која се вели дека „Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ победи на вонредните парламентарни и локални избори во многу градови, вклучително и во Белград, но во Белград успехот на партијата на претседателот беше мал. Според опозицијата и анализите на изборните истражувачи, таа тесна победа е постигната со масовна измама“.

Според германскиот весник, опозициските политичари сакале да влезат во градското собрание на Белград во неделата, но полицијата ги спречила во тоа.

„Зидојче цајтунг“ додава дека „осомничените провокатори фрлале камења врз зградата и полицијата“, како и дека „полицијата употребила солзавец против демонстрантите“. Се наведува и дека, според податоците на српското МВР, уапсени се 38 демонстранти, а повредени се 8 полицајци.

„Разочарување од Западот“

За протестите известува и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, истакнувајќи дека „по немирите во Белград, Вучиќ одбива да попушти и ѝ се заблагодарува на Москва“. Весникот наведува дека „во Белград избувнале сериозни немири во врска со обвинувањата за изборна измама“.

Се известува дека учесниците на собирот во неделата вечерта се обиделе да упаднат во градското собрание на Белград, дека се качиле на зградата, фрлале камења и ги искршиле прозорците, а подоцна полицијата конечно ги одвратила демонстрантите.

„На социјалните мрежи кружи видео кое предизвика обвинувања за полициско насилство. На него се гледаат полицајци како со палки удираат демонстранти“, пишува германскиот весник.

Се известува и дека „многу илјади луѓе“ протестирале против претседателот Вучиќ и владејачката СНС во понеделникот и вторникот. „Демонстрантите се собраа во центарот на градот во вторникот вечерта и скандираа за ослободување на уапсените“.

Од друга страна, како што се наведува, „претставниците на власта ги обвинуваат демонстрантите за обид за државен удар“. Претседателот Вучиќ оцени дека се работи за „насилно преземање на државните институции“ планирано во странство. Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека плановите за протести се однапред познати. Воедно, таа им се заблагодари на руските безбедносни власти за пренесувањето на релевантните информации. Претседателот Вучиќ во понеделникот се сретна со рускиот амбасадор, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, веднаш по изборите му честиташе на Вучиќ за неговата победа.

Со оглед на таа блискост, како што пишува германскиот весник, „демонстрантите го споредија Вучиќ со рускиот претседател Путин“, додека опозицијата, истовремено, „искажа разочарување од Западот“.

Слични содржини