Локален службеник во Берлин доби невообичаен отказ откако било откриено дека на работа го читал оригиналниот текст на „Мојата борба“ (Mein Kampf) на Адолф Хитлер.

Тој додека бил на смена, во собата за одмор, читал оригинален примерок на книгата која е забранета во Германија во која Хитлер пишува за својата расистичка идеологија, особено за антисемитизмот.
Службеникот ги тужел властите на Берлин тврдејќи дека требало да добие опомена, но судот денес одлучи дека отказот е законски.
Судијата објасни дека работодавецот во случај на тешко прекршување не е законски обврзан да даде опомена пред отказот и дека имал право да го отпушти по кратка постапка.
„Вработениот работи во униформа со која ја претставува сојузната држава Берлин и со тоа е должен постојано да ги почитува принципите на слободниот демократски устав“, кажа судијата.
„Јавно изложувајќи ја свастиката, со уставот забранетиот нацистички симбол кој се наоѓа на кориците на книгата, службеникот се откажал од опоменувањето пред отказот“, додаде тој.
Отпуштениот службеник не може да се жали пред повисок сојузен суд.
Нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер ја напиша во 1924 година книгата „Мојата борба“ која е манифест на политичките и идеолошки ставови кои подоцна станаа принципи на нацистичката идеологија.