Знам само дека мајка ми ми раскажуваше дека еден ден дошле луѓе, не знам ни кој, ни зошто, не исфрлиле од нашата куќа и така пешки, цело семејство не протерале во Ѓаково, вели за Радио Слободна Европа, Катарина Гертнер 
Германка родена во Кљајиќево крај Сомбор, таа стекнала право на обештетување кое државата Германија им го дава на оние Германци кои токму поради својата национална припадност во текот и по Втората светска војна (од 1939 до 1956 година) биле затворани во логори, а многумина меѓу нив таму и починале. Рокот за пријавување на овој вид на надомест истекува кон крајот на оваа година.
– Сум имала само 18 месеци, па не се сеќавам на ништо. Од логорот се вратиле само неколкумина од семејството, моите баба и дедо, прабаба и прадедо. Многу роднини таму починале. Тие се погребани во некоја од масовните гробници. Ниту денес не знам каде е нивниот гроб. Кога не пуштиле од логорот сме немале каде да се вратиме, бидејќи ни ја одзеле куќата и салашот и лозјето, а тоа никогаш не ни е вратено, се сеќава Катарина Гернер.
Таа смета дека оваа одлука е убав гест од германската држава, но дека стигнала премногу доцна и дека требало да се донесе многу порано.
Рокот за поднесување на барања за отштета која Германија еднократно ќе ја исплати на граѓаните од германска националност надвор од матичната земја, истекува кон крајот на годината. Станува збор за отштета која ја плаќа Германија. Податоците зборуваат дека во неколку дестици собирни логори во Војводина животот го загубиле околу 20.000 тогашни подунавски Германци.
Германија оваа одлука ја донела во 2015 година со намера барем симболично да ги обесштети германските цивилни жртви на војната, доделувајќи им еднократна материјална помош од 2.500 евра.
Меѓутоа, прашање е колку од нив навистина ќе можат да ја добијат нешто, бидејќи барањето за отштета можат да го поднесат само преживеаните логораши или нивните потомци, но само ако биле оштетени во животот барем до август 2015 година.
Претседателот на Германскиот народен сојуз Рудолф Вајс вели дека така поставената животна генерација е нереална.
– Тоа значи дека дете кое во 1945 година имало десет години, во 2015 бил старец од 80 години, додека тој кој во логорот имал 30 години, мора да живее сто години за да стекне право на оваа помош. Ние се прашуваме, зарем во Германија навистина имаат толку високо мислење за нашиот биолошки потенцијал? А што покажува статистиката? До јуни оваа година предадени се само околу 6.000 барања по оваа основа, вели Вајс.
Покрај тоа се наведува дека многу луѓе сепак се надеваат на ревизија на оваа одлука, па барања да предадат и потомци на логораши кои не ја доживеале поставената временска граница и само за цивилните жртви на војната.
– Се работи за цивили кои без своја вина биле казнети за нешто што го направила германската војска. На тој вид на помош немаат право припадници на никакви воени формации, што Германија сосема категорично го истакна. Бидејќи, поради што и кого страдале подунавските Германци тука во Војводина? Знаете, народите на тогашното Кралство Југославија не отишле во Берлин и не ја предизвикале Втората светска војна, туку германските нацистички единици дошле тука и направиле хаос. Како последица на тоа тука настрадале илјадници германски граѓани, без никаква вина. Поради тоа Германија има голема одговорност, што и се наведува во оваа одлука за обештетување на цивилните жртви. Токму поради историската одговорност на Германија, наведе Рудолф Вајс.
Мајката на Невена Мајсторовиќ, исто така Германка, била во логор шест години. Меѓутоа, бидејќи таа починла во 2013 година во својата 91 година, нејзините потомци немаат право на обештетување.
– Сметам дека оваа одлука на извесен начин не е праведна, тоа обесштетување треба да го добијат сите кои биле во логори или нивните потомци. Јас можам да кажам дека и ние како деца имавме трауми од тоа тешко искуство. Всушност, многу мал процент денес може да го оствари тоа право. Мислам дека ова би требало порано да биде направено и да се пружи шанса на сите да добијат отштета. Тоа би било многу по праведно решение од ова сега, бидејќи навистина многу мал процент можат да го остварат ова право, вели Невена Мајсторовиќ.
За намената за обештетувањето на германските жртви од германскиот буџет се издвоени 50 милиони евра.
Радио Слободна Европа – Прага