Ѓедовиќ: Изградбата на гасниот интерконектор со Македонија до крајот на 2027 година

Во Владата на Србија започнал состанокот на тамошната министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ со нејзината македонска колешка Сања Божиновски, а една од темите ќе биде изградбата на гасниот интерконектор Србија - Македонија

од Nikola Popovski
18 прегледи

Во Владата на Србија започнал состанокот на министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ со македонската министерка за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновски, а една од темите ќе биде изградбата на гасниот интерконектор Србија – Македонија.

За ова ќе се разговара на состанокот на работната група за изградба на интерконекторот меѓу двете земји, по што е планирано обраќање до медиумите.

Изградбата на овој гасовод ќе овозможи понатамошно поврзување со Јужниот гасен коридор, како и пренос на гас од Грција, преку Македонија до Србија и понатаму до Европа.

Како што претходно изјавила српската министерка, беше усвоен просторниот план за гасната интерконекција Србија-Македонија, а во рамките на техничката помош на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), биле спроведени Студија за изводливост со анализа на трошковна ефикасност и Студија за проценка на влијанието врз животната средина за гасниот интерконектор на територијата на Србија и Македонија.

Ѓедовиќ Хандановиќ денес порачала дека добивањето дозволи за изградба на гасниот интерконектор меѓу Србија и Македонија е во тек, дека се очекува дозволата за градба кон средината на следната година, а потоа и почетокот на изградбата.

По разговорот со министерката за енергетика на Македонија и состанокот на работната група на двете земји во врска со изградбата на гасниот интерконектор, српската министерка истакнала дека е планирано Интерконекторот да биде долг 144 километри, а неговата проценета вредност е 153 милиони евра, а парите за него се обезбедени во буџетот за следната година.

Таа додала дека планот е Интерконекторот да биде завршен до крајот на 2027 година, а гасот да тече низ него на почетокот на 2028 година.