Во Министерството за внатрешни работи денеска од 11.00 до 12.00 часот биле пријавени настани во врска со изборниот процес. Од МВР потенцираат дека се работи за добиени пријави по кои постапуваат, односно ја утврдуваат фактичката ситуација и откако ќе се утврдат фактите соодветно ќе информираат.
Во 11 часот во Полициската станица Кочани, П.П. од Кочани пријавил неправилност при гласањето пред ОУ,,Раде Кратовче“ во Кочани, односно дека З.С. наводно делел пари. Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Од политичка партија во Кочани во Полициската станица Кочани било пријавено дека три лица со патничко возило во нас.Оризари носат организирано гласачи на гласање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Од политичка партија во Кочани во Полициската станица Кочани било пријавено дека четири лица ги попречувале гласачите да го остварат своето право во нас.Оризари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.
Во 10.35 часот во Полициската станица Крива Паланка, дополнуваат од МВР, Н.Т. од Ранковце пријавил дека лице од Ранковце доаѓало до избирачко место број 0987 со повеке луѓе и агитира. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во 11.05 часот во Полициската станица Крива Паланка, М.Т.С. пријавила дека на ул.„8-ми Септември“ неколку лица ги фотографирале граѓаните кои влегуваат да гласаат на избирачко место во градинка ,,Детелинка”. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се појаснува во соопштението од МВР.
Во полициското одделение Ново Село, пак, било пријавено дека во дворот на училиштето во селото каде биле сместени избирачките места Т.Ќ. вршел агитирање. МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Исто така, по преземени мерки во врска со претходно пријавени настани, кои веќе беа објавени од МВР, утврдено е дека во врска со настанот во кој Е.Е. од Битола пријави дека непознати лица и нуделе пари за гласање, биле преземени мерки и не биле потврдени наводите во пријавата.
– Во врска со настанот во кој Ф.Г. од Прилеп, пријавил дека пред ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп група на граѓани вршеле агитирање, преземени се мерки и не се потврдени наводите во пријавата, стои во соопштението од МВР.