Гласањето заврши, се очекуваат резултатите

од Nikola Popovski
213 прегледи

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на вториот круг од седмите претседателски избори, како и од парламентарните избори на вкупно 3.480 избирачки места.

Гласачките места беа отворени утрово во 7 часот.

Александар Даштевски, претседател на ДИК, најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од изборите.

Според статистиката, за претседателските избори за 15 години бројот на лица со право на глас пораснал за 22.289, а за парламентарните од 2014-та до денешните, за 35.242 лица. По правило, одѕивот е повисок на парламентарните, во споредба со претседателските избори.

При изборот за шеф на државата, во вториот круг во 2009-та одѕивот бил нешто над потребниот цензус од 40 насто, а највисок пет години подоцна, 54,4 проценти. Најголем одѕив за парламентарните имаше во 2016-та, 66,8 насто. Пред четири години гласале нешто повеќе од половина од запишаните во избирачкиот список.

Во вториот круг од претседателскиот избори ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.

Во првиот круг од претседателските избори на 24-ти април, гласаа речиси 50 проценти од запишаните граѓани во единствениот избирачки список.

Слични содржини