Угледниот економист и политиколог Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економски студии не остава простор за сомнеж во однос на потребата од организирање попис во државата.Утврдениот термин за него е сепак одлука од која тој се дистанцира. „ Дали пописот треба да се одржи сега или малку подоцна, не можам да судам од далечина. Политичките последици, доколку ги има, не можат да бидат негативни, не повеќе од тоа кога бројките не се знаат и секој шпекулира“, вели Глигоров во интервју за „Локално“.
Препознатлив меѓу македонската и јавноста од регионот како добар познавач на економските и политичките прилики во Југоистиочна Европа остро реагира на бугарските условувања во однос на Македонија на политички план. „Не може да се реинтерпретира историјата и да се менува идентитетот секогаш кога, како во овој случај, бугарските политичари сметаат дека национализмот од најлош вид, агресивниот национализам може нешто политички да реши“, категоричен е Глигоров.
Осврнувајќи се на последиците од вирусот Ковид 19, за него нема дилема дека државната помош треба да се применува се додека трае епидемијата, но смета дека истовремено треба да се прошири социјалната заштита од евентуалните нови епидемии. Ги споделува владините очекувања за раст од 4%, но со една задршка-доколку се спроведе имунизација на населението.
Македонија е на само еден месец пред почетокот на најголемата статистичка операција, пописот.Целиот период поврзан со неговата подготовка е поврзан со постојани политички искричења, се најавува бојкот, се бара одлагање заради пандемијата..Но колку пописот е политички ризик врз економските текови?
-Пописот е потребен. Дали сега или малку покасно, тоа не можам да судам од далечина. Политички последици, доколку има, не можат да бидат негативни, секако не повеќе од тоа кога бројките не се знаат и секој шпекулира. Најважно е пописот да се заврши така да нема непотребни приговори. Тоа би требало да ја смири јавноста.
Годината на пандемија не е единствениот проблем за оваа Влада.Се чини дека релациите со Бугарија се доминантниот проблем за кој многумина не гледаат излез.Колкав е во оваа ситуација „маневарскиот простор“ на нашата Влада?
-Претпоставувам дека ЕУ ќе стане поактивна кога епидемијата ќе се повлече. Владата и земјата немаат изгубено маневарски простор бидејќи нема сторено ништо што би требало да се објаснува на било кого. Со кои проблеми бугарската политика се соочува па смета дека „македонското прашање„ ќе помогне да ги реши, тоа не е јасно, барем не за мене. Не знам како тоа поминува во бугарската јавност, но во странство тоа не остава добар впечаток. Македонија нема причина да се кара со било кого, секако не со Бугарија, но не може ниту да ја реинтерпретира историјата и да го промени идентитетот секој пат кога во овој случај бугарските политичари сметаат дека национализмот од најлош вид, агресивниот национализам може нешто политички да реши.
Во очекување на петтиот пакет мерки државна помош, се наметнуваат дилемите дали и до кога треба да му се помага на стопанството на овој начин.Како да се одржи производството и по пандемијата?
-Тоа не е комплицирано прашање. За жал недостигаше искуство. Државата осигурува од ризиците на јавното здравје. Ако е потребно некој да боледува или некој да не работи за да не шири епидемија, државата е таа која штити и во првиот и во вториот случај. Проблемот е што недостигаат потребните механизми, бидејќи не се очекуваше епидемија. Државната интервенција би требало да се повлече заедно со епидемијата, но би требало да се прошири социјалната заштита од евентуалните нови епидемии. Исто како во примерот на климатските промени.
Каква реалност ја очекува Македонија наспроти владините очекувања за економски раст од 4 %, во услови кога се задолжуваме со нова еврообврзница, инфлација, рецесија, се наговестува нов ребаланс на буџетот, има забрана за исплата на дивиденда, неколку месечна рецесија?
–Мислам дека 4% раст е остварливо доколку епидемијата се повлече, а тоа ќе зависи од имунизацијата на населението. Проблеми секогаш ќе има и ништо не може да се реши преку ноќ. Македонија е сиромашна земја и потребно е бар неколку децении да се дојде до ниво на просекот на ЕУ. За тоа е потребно да се мисли не за утре и не само за тоа како ќе живеаат децата, веќе е потребно да се работи за внуците. Тоа е политички комплицирано, но нема кус пат за било која земја.
Последните анализи на невладините организации покажаа дека пандемијата ги направи сиромашните посиромашни а богатите побогати.Какви се вашите очекувања кога се ќе заврши? Дали таквата нееднаквост ќе се ублажи или уште повеќе ќе се продлабочи?
-Нема причина нееднаквоста да се продлабочи од последиците на епидемијата. Тоа секако зависи од политиката. Тоа се долгорочни процеси и ќе треба време стопанството да се развива и нееднаквоста да се намали.
Покрај пандемијата, Македонија ја тресат и низа коруптивни скандали, вести за одмори на политичари од власта во егзотични летувалишта. Опозицијата и јавноста ги ставија на столбот на срамот обвинувајќи ги за непримерно однесување во време на полициски час, затворање фирми и губење работни места во државата. Како го коментирате ова во контекст на потребата од закрепнување на економската ситуација?
-Тоа се проблеми со који демократскиот процес би требало да се носи. Значи, идат избори и јавноста би требало да даде оценка за тоа што мисли за корупцијата.
На почетокот на кризата што ја предизвика корона вирусот рековте дека се работи за лесна криза и дека Македонија е во подобра положба во однос на другите земји од регионот за побрзо излегување од неа. Дали една година потоа го имате истиот став?
-Кризата е лесна за разбирање и за избор на соодветна стопанска политика бидејќи се работи за епидемија која не треба да предизвика стопанска криза без оглед на намалување на производството. Покрај тоа, активностите би требало да се поддржат брзо по завршување на епидемијата или по нејзиното ставање, под контрола. Од гледна точка на структурата на стопанството, Македонија како на пример Србија, има значителен удел на земјоделство што треба да е позаштитено во време на епидемија. Сиромашијата меѓутоа, влијае негативно, како што може да се види.
Пандемијата, а особено потрагата по вакцини ги исфрли на површина национализмот, себичноста и неодговорноста на многу влади во и надвор од ЕУ.Колку тоа генерално не одалечи од прокламираните европски вредности кон кои се стремиме?
-ЕУ беше неподготвена за епидемијата. Национализмот не е најважната причина за тоа. Националните влади не се покажаа подобри од самата ЕУ. Има многу причини. Ќе видиме дали поуките ќе бидат благотворни или не.
К.В.С.