Европската Унија (ЕУ) призна дека нема сила да го исполни ветувањето за директни вложувања од 600 милијарди долари во САД, кратко време откако во неделата го даде тоа ветување.
На средбата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен со американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот голф-резорт во Шкотска, беше кажано дека покрај тоа што за најголемиот дел од увозот од ЕУ, САД ќе наплаќа царина од 15%. Исто така беше потенцирано дека Дер Лајен ја обврзала ЕУ на купување американски енергенси и оружје вредни 750 милијарди долари, како и на инвестиции тешки 600 милијарди долари во економијата на САД.
Рамковната трговска спогодба склучена во неделата значење избегнување на трговска војна ЕУ – САД, оти Доналд Трамп ѝ се закани на ЕУ со царини од 30%, тврдејќи дека ЕУ со децении ги третирала САД неправедно и дека попустливоста на САД резултирала со голем трговски дефицит.
Сепак, само часови откако беше објавено склучувањето на рамковната спогодба, за „Политико“ двајца високи функционери од ЕУ признаа оти не може да се гарантира дека навистина ќе се случат инвестиции од 600 милијарди долари во економијата на САД. Имено, се разговарало за приватни инвестиции, нешто врз што официјален Брисел нема контрола.
„Тоа не е нешто што ЕК како јавно тело може да го гарантира. Тоа е работа на приватните компании“, вели еден функционер за „Политико“, напоменувајќи и дека ЕК не најавила воведување какви било субвенции со кои би ги мотивирала приватните инвеститори да внесат пари во САД, ниту пак одредила рок во кој треба да се остварат инвестициите од 600 милијарди долари.
Друг функционер налгасува дека споменатите 600 милијарди долари, ако се случат, би се придодале на моменталните 2,8 милијарди долари приватни инвестиции од ЕУ во САД, со што таму се одржуваат 3,4 милиони работни места.